Некои од нас немаат еднакви услови за живот. Со некои од нас судбината си поиграла, па затоа се потребни огромни напори и добра волја за да станат еднакви со останатите. Таков е примерот со децата со посебни потреби. Нивната судбина е оставена во рацете на институциите и системот, кои деновиве ги направија заложници на политичките игри на локално ниво, истакна портпаролот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип, Игор Ефтимов на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека пред изборите градоначалникот ветувал Центар за рехабилитација за деца со посебни потреби, но откако седнал во фотелјата, ветувањата се претвориле во лаги.
-Поминаа неколку месеци, но градоначалникот не само што не презема ништо околу ова, туку се обидува да спречи и еден граѓански гест. Иако претходно им беше ветено дека ќе добијат просторни или најмалку локациски услови за изградба на Центар за овие деца, пред неколку дена, Градоначалникот лично им соопштил на родителите дека не е во можност да го исполни ветеното. За апсурдот да биде уште поголем, за доброто на децата со посебни потреби, физичко лице од Штип решава да се откаже од својот имот и заедно со направениот проект да го подари на овие граѓани. Меѓутоа, по втор пат градоначалникот не покажува добра волја, па наместо со Одлука на Совет земјиштето да се подари на Здружението на граѓани „Сплотени срца“, тоа наскоро ќе биде ставено на лицитација, за повторно да биде откупено од најранливата категорија граѓани, нагласува тој.
Ефтимов прашува зарем овие деца заслужуваат да бидат заложници на Вашиот тесно политички интерес?
-Зарем нивниот живот не е доволно тежок, за Вие дополнително да го отежнувате со манипулативни административни пречки? Зарем вака се грижите за најранливата категорија граѓани? Не ги разочарувајте децата, покажате добра волја и влејте им малку надеж во нивните кревки животи, нагласи Ефтимов.