Во деновите кога Македонија одбележува 31 година независност се поставуваат значајни прашања за тоа каде е државата, но и што може да очекуваат граѓаните за иднината. Мислам дека како ниеден претходен 8-ми септември постои збунетост од целосната спротивност на пораките и реалноста., ова во својата колумна за „Фокус“ го пишува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Ако ги слушате пораките на власта на СДСМ и на ДУИ, тие се за светла иднина, занадминување на економската криза и огромни фалби за почеток на преговори со ЕУ како магично решение на сите проблеми.
Ако се види реалноста, тогаш е сосем спротивно- корупцијата цвета и тоа пред се во врвот на власта, економијата тоне секој ден се повеќе со извесен економски колапс заради енергетската криза, не се знае дали ќе има греење во текот на зимата, а преговори со ЕУ не само што не почнуваат туку Македонија стана предмет на уцена на соседите, а последна во редот е Бугарија која нема крај на своите барања, во услови кога Владата на СДСМ и ДУИ е спремна да им релизира се само за уште некој ден власт.
Така Македонија го дочекува 8-ми септември, економски уништена, национално понижена. Корумпираните слават, останатите размислуваат како да врзат крај со крај и како ако имаат можност да ја напуштат државата.
МАКЕДОНИЈА ГО ДОЧЕКУВА 8-МИ СЕПТЕМВРИ ЕКОНОМСКИ УНИШТЕНА И КОРУМПИРАНА
Мислам дека веќе губи секаква смисла да се зборува со власта за мерки, стратегии и нивна реализација. Комбинацијата на неспособност и криминал е на тоа ниво и во таква синергија да секој обид станува бесмислен.
Последен пример е енергетската криза- со месеци предупредувавме дека Македонија навреме треба да се подготви за зимата, сите наши предлози и идеи се игнорирани и отфрлени. Резултатот е јасен- преку 300 фирми со околу 200 илјади вработени размислуваат да затворат.
Тоа ќе значи социјална револуција. Празен буџет и банкротирана држава. Спирала која ќе повлече се надолу. Во услови на влада која мисли дека се знае, а во суштина ја водат неспособни и корумпирани ова се резултатите.
На сето ова ако се додаде регионалниот контекст на возможна нестабилност, за кој не се ни размислува, ете го рецептот за влада на пропаста.
Во услови кога растат тензиите околу Косово, во услови на јасна поделба во Црна Гора, зголемени тензии меѓу Хрватска и Србија, како и отворени закани на Турција кон Грција, сетоа ова да се преспива дома и да нема никаков став, нити план нити стратегија.
И најдобриот доказ дека се свесни дека имаат огромен проблем и народот никогаш повеќе нема да им даде доверба е бегањето од избори. Вакво епско бегање од избори македонската демократија не видела. Но и на тоа ќе дојде крајот и народот јасно ќе ја избере опцијата за промени, а оваа клика ќе ја испрати во политички и историски заборав.
Би сакал некој ред и за континуираниот бугарски експанзионизам и национализам. Ако се уште има такви кои веруваат дека Бугарија само сака околу 3.000 македонски државјани да влезат во Уставот, последните случување околу Македонците во Албанија се финалниот доказ дека намерите на Бугарија се сосем други.
Сите знаат дека во Албинија живеат Македонци. Ние сме соседни држави и нормално е да има македонско малцинство во Албанија,односно Македонци да има од двете страни на границите, како што има и во Бугарија и во Грција. Обидот да се докаже дека се Бугари е ништо друго освен оживување на сонот за прекројување на границите на Балканот.
НАМЕСТО ДА ГРАДИМЕ ПРИЈАТЕЛСТВА И МОСТОВИ, НИЕ ГРАДИМЕ ОМРАЗА И НЕПРИЈАТЕЛСТВА
Јасно е дека луѓето кои што живеат таму се под напад на бугарската пропаганда, но, исто така, мислам дека на сите ни е јасно, како што им е на нив јасно. Лично сум во континуиран контакт со голем дел од нив дека тие се таму Македонци.
Јасно ни е и на сите луѓе овдека дека бугарски пасоши, за жал, луѓето земаат од економски причини и прашање на кое што досега никој од Бугарија не одговорил, сум го поставувал, но еве ќе го поставам повторно, е зошто тие кои што земаат бугарски пасоши не остануваат да живеат во Бугарија,туку го земаат пасошот и не стапнуваат уште еднаш во Бугарија.
Ако толку имаат чувства кон Бугарија зошто не отидат да живеат таму и зошто не се обидат да ја најдат својата среќа таму кога веќе имаат бугарско државјанство врз основа на кое што добиваат бугарски пасош.
Одговорот е едноставен, затоа што го гледаат како најлесен начин за да можат да излезат во Европа, да отидат пет- шест месеци во Германија, Франција или во Холандија да поработат за да донесат некој денар дома и да можат да ја поминат годината.
И тоа е резултат на тешката економска состојба во која што е народот и претставува најдобар доказ и слика на промашената политика на Република Бугарија кон Република Македонија.
Наместо да градиме пријателства и мостови, ние градиме омраза и непријателства кои што се иницирани комплетно од нивна страна. Дали се тоа провокативни имиња на културни клубови- почна од Битола сега се шири низ цела држава, дали е тоа давање стипендии, дали е тоа измислување проблеми таму каде што ги нема.
И континуирано 30 години, еве самостојност ќе славиме 31 година сега, Бугарија се оддалечува од Македонија, но за тоа треба да се погледнат себе сите бугарски политичари од прв до последен.
Колумна на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за неделникот „Фокус“