ЕУ внимателно ги следи случувањата во врска со ова прашање. Бараме дополнителни информации за подобро да ја разбереме ситуацијата. ЕУ потсетува на важноста од почитување на обврските кои произлегуваат од Спогодбата за асоцијација и стабилизација, како и на усогласувањето со правото на ЕУ во контекст на процесот на пристапни преговори. Ова е одговорот на ЕУ на барањето на МКД.мк за нивен коментар за сите информации во врска со договорот на македонската влада со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д.
Од Канцеларијата на ЕУ не одговорија на дополнителното наше прашање за тоа на што точно мислат од Спогодбата за асоцијација и стабилизација меѓу Македонија и ЕУ.
Од повторното прегледување на оваа Спогодба од 2001 година може да се заклучи дека во овој случај се мисли на европските правила против ограничување и нарушување на конкуренцијата и на обврската за транспарентноста и нефаворизирањето на одредени претпријатија.
Во случајот со „Бехтел и Енка“ се работи за директна спогодба без јавен повик, а договорот, според властите и натаму е деловна тајна, не е објавен и покрај барањето на јавноста да се објави целиот договор затоа што се работи за буџетски пари од 1,3 милијарди евра.
Во член 68 и 69 од Спогодбата (објавена во Службен весник бр. 28 на 13 април 2001 година) пишува за важноста од приспособувањето на постоечките и идните закони на Република Македонија со оние на ЕУ. Македонија презема обврска постапно да обезбеди компатибилност на своите закони со оние на ЕУ (тогаш Европската заедница). Се подвлекува значењето на конкуренцијата на внатрешниот пазар и Македонија презеде обврска за спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата.
Како некомпатибилни постапки се наведени овозможувањето на доминантна позиција на пазарот на едно претпријатие, јавна помош што ја нарушува или се заканува да ја наруши конкуренцијата преку фаворизирање на одредени претпријатија или производи. Се истакнува транспарентноста. Секоја практика во спротивност на овие принципи ќе биде оценета како неприфатлива. Јавните договори да се водат на принципот на недскриминација, пишува во Спогодбата за асоцијација и стабилизација.