Европските банки, Европската унија и домашните институции вклучени во проектот пречистителна станица за отпадни води се загрижени дека Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ не ја поддржуваат имплементацијата на овој капитален проект. Ова стои во записникот од последниот состанок одржан меѓу сите инволвирани страни во проектот на 11 мај, на кој не дошле претставнии на Градот. На овој состанок е заклучено и дека иако парите се обезбедени, првата рата не може да легне на сметката зашто Град Скопје не ги завршил потребните административни работи, пишува СДК.МК.
Претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка (ЕИБ), Делегацијата на ЕУ, Министерството за финансии, Министерството за животна средина, Секретаријатот за европски прашања, членовите на проектната единици за спроведување на проектот и претставници на „Водовод и канализација“ одржуваат редовни месечни состаноци за спроведувањето на проектот. На тие состаноци досега немало само претставници на Град Скопје иако имаат обврска да присуствуваат.
Последниот состанок се одржал на 11 мај и на него било искажано незадоволство од ангажманот на Градот и „Водовод и канализација“ за спроведување на проектот. Според записникот во кој увид имаше САКАМДАКАЖАМ.МК, прво било посочено дека анексот на договорот со фирмата изведувач подготвен од проектната единица и одобрен од Европската инвестициска банка, сè уште не е потпишан од директорот на „Водовод“ Драган Илиевски.
На состанокот, претставникот од Европската банка за обнова и развој кажал дека иако кредитот е ефективен, условите за исплата на парите не се исполнети. Од Европската инвестициска банка дополниле дека не се почитуваат условите за исплата на кредитот и не можат да се користат средства. Било посочено дека е потребно да се заврши процесот на експропријација и потребни се ресурси и поддршка за работење на проектната единица. Од банката уште еднаш на состанокот ја изразиле нивната загрижност дека менаџментот на „Водовод“ и раководството на Град Скопје не ја поддржуваат имплементацијата на проектот. Исто така било кажано дека сите трошоци што би настанале од евентуални тужби од изведувачот поради неисполнување на условите од договорот ќе треба да ги плати „Водовод и канализација“.
Целата вест прочитајте ја на СДК.МК.