Германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ), во анализа на политичките случувања во земјава по локалните избори и оставката на Зоран Заев од функциите претседател на Влада и на СДСМ, прогнозира дека технички премиер на Северна Македонија во наредниот период ќе биде Никола Димитров.
Весникот, чија анализа ја пренесува и „Дојче веле“, типува на три сценарија на политички план за наредниот период во земјата. Првото е актуелното мнозинство да продолжи да раководи со државата, меѓутоа со нов премиер, второто се однесува на формирање на техничка влада која одреден период ќе управува со Македонија и третото е предвремени парламентарни избори.