По пауза од неколку децении, повторно е евидентирано присуство на балканскиот рис во Национален парк „Галичица“.
Една единка беше „заловена“ од фотозамки, покрај оградата на Репродуктивниот центар за елени на НП „Галичица“, соопштија од НП „Галичица“ преку официјалниот Facebook профил.
-Се надеваме дека оваа голема мачка ќе си го најде својот дом на оваа планина, а ние ќе продолжиме со нашите напори да го зачуваме нејзиното живеалиште, велат тие.
Во јуни, 2017 година, за првпат по 11 години истражување на балканскиот рис, тимот на Македонското еколошко друштво успеа да направи фотографија на младенче од рис.
-Ова рисче е надежта која ѝ е потребна на малата популација балкански рисови во Македонија. Се надеваме дека преку неговото следење, како и следењето на неговата мајка ќе успееме да ги добиеме податоците кои недостигаа досега. Овие податоци ќе ни помогнат да го разбереме животот на младите рисови во Македонија кои ќе ни помогнат во нивното понатамошно зачувување, рекоа тогаш од Програмата за закрепнување на балканскиот рис, којашто ја спроведува МЕД.
Во јули 2019 година, Националниот парк Маврово на својата Facebook страница објави фотографија на рис направена со помош на фотозамки во рамките на проектот за закрепнување на Балканскиот Рис кој се реализира во соработка со Македонско Еколошко Друштво.
Како што соопшти тогаш МЕД, се работи за здрава женка, веројатно на возраст од 2-3 години, тешка 15 килограми. По фаќањето на рисицата во кафез-замката биле преземени стандардни процедури и мерења за утврдување на здравствената состојба на единката. За време на постапката, присуствувале претставник од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје и ловџии од ловното друштво „Сокол-З“ од село Зајас. Потоа рисицата била пуштена на слобода.
Балканскиот рис сѐ уште се смета за критично загрозен вид. Околу 50 возрасни единки живеат на територија на целиот Југозападен Балкан.
Во Македонија има најмногу, можеби 30-40 возрасни единки, додека ситуацијата во Албанија и на Косово е навистина критична.
Балкански рис (Lynx lynx martinoi), подвид на евроазискиот рис, е национален симбол на нашата земја и се наоѓа на монетата од пет денари.
Во минатото, рисот бил распространет на целата територија во западните и јужните делови на земјата, како и на некои планини во источниот дел.
Со влошување на животните услови балканскиот рис целосно исчезнал од источните делови, така што денес може да се најде само во густите шуми и недопрени области во Западна Македонија. Последните податоци за рис во Источна Македонија се од 1924 година на планината Плачковица.
Статусот на балканскиот рис е критично загрозен поради фактот дека бројот на возрасни единки кои се способни за репродукција е помал од 50 и според стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата унијата тој е на праг да биде целосно исчезнат од нашата фауна. Балканскиот рис за првпат се најде на (IUCN) на 19 ноември 2015 година. Најзначајните закани за опстанокот на рисот се: криволовот, драстичното намалување на неговиот плен и уништување и фрагментација на неговите станишта.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, меѓу другото, веќе десет години се обидува да го спречи овој негативен тренд. Резултатите од интензивниот мониторинг покажаа дека барем во јадровите подрачја, Националниот парк „Маврово“ и планината Мунела во Албанија, ова опаѓање е запрено. Секако, опстанокот на балканскиот рис ќе зависи не само од овие туку и од сите други подрачја на Балканот кои поседуваат погодни станишта за рисот и неговиот плен.
Извор: Кајгана