Францускиот предлог нема да се најде на усвојување на денешната владина седница, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од Владата иако вчера се најавуваше таква можност.
Според наши извори Владата нема да брза со усвојување на документот бидејќи консултациите се` уште траат и не се исцрпени. Од Владата повторуваат дека ништо што задира или потенцијално задира во идентитетот, образованието, историјата, нема да биде дел од преговарачката рамка.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера за телевизијата 24 изјави дека до крајот на неделава се очекува собраниска седница за францускиот предлог.
-Во оној момент кога ќе достави Владата материјал, седницата ќе биде закажана – изјави Џафери.
Помалите владини партнери ЛДП, ДОМ и ДС побараа прво да се објават и преведат на македонски јазик францускиот предлог и билатералниот протокол и да се даде време Собранието да расправа за документите, а заклучоците да се донесат со консензус.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера од протестот пред Владата најави декам има нов предлог – да се формира парламентарна работна група која ќе ги разгледува сите точки од францускиот предлог. Претходно работна група во Собранието најави и претседателот на ДС Павле Трајанов. Според Трајанов, во работната група би партиципирале по двајца пратеници од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и по еден пратеник од ДУИ и од помалите партии. Работната група би требало да работи на усогласување на заклучоците кои Собранието треба да ги донесе за францускиот предлог.