петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Француското претседателство завршува, нема информации за нов предлог за тргање на бугарското вето

Француското претседателство завршува, нема информации за нов предлог за тргање на бугарското вето

Француското претседателство со ЕУ што завршува денеска, нема нова иницијатива за тргање на бугарското вето за евроинтеграцијата на Северна Македонија. Владата во Скопје тврди дека сè уште не им бил доставен официјален предлог за надминување на спорот со Бугарија и за почеток на преговорите за членство, а во Софија, пак, молк откако минатата недела Парламентот го прифати „францускиот предлог“ и изгласа недовeрба на владата на Кирил Петков.

Француските дипломати во седиштето на ЕУ, како што јави дописничката на МИА од Брисел, не се запознаени со нова иницијатива за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје по посетата на македонската делегација во Бугарија.

Процесот е целосно во рацете на Софија и Скопје, а делумно и во Париз, пред сѐ кај францускиот претседател Емануел Макрон, чиј предлог беше отфрлен минатата недела од страна на Северна Македонија.

Македонската влада тврди дека официјален документ досега нема добиено и ги истакна своите црвени линии: јасна заштита на македонскиот јазик, македонскиот идентитет, Уставот, протоколот, историјата.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера на собраниската седница за пратенички прашања, повтори дека не се прифатливи идеи кои не прават јасна заштита на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и не е прифатливо билатерални прашања да бидат вклучени во мултилатерални преговори со ЕУ.

– Историските прашања не треба и не можат да бидат критериуми за преговарачка рамка на Република Северна Македонија со ЕУ, ниту за која било друга организација. И второ, преговорите со Европската унија мора да започнат со одржување на меѓувладина конференција, пред да бидат отпочнати измените на Уставот со цел внесување на Бугарите Црногорците, Хрватите да станат дел од Преамбулата. И трето, и ЕУ и Бугарија ќе достават гаранции дека нема да постојат понатамошни условувања во однос на нашиот процес на пристапување кон ЕУ, подвлече Ковачевски.

Доколку се постигне разбирање на овие позиции, Скопје е подготвено да се вклучи во разговори со партнерите во ЕУ.

Медиумите информираа дека македонска делегација била во посета на Софија во понеделникот, но никој не соопштува конкретни резултати по средбите.

Вчера во Брисел се одржа состанок на амбасадорите на ЕУ. Нема информација дека Бугарија и Северна Македонија биле на дневен ред. Дипломатски извор од земја членка на ЕУ за МИА вели дека не слушнале ниту за нов француски предлог.

Топката, според ЕУ, е во рацете на Скопје и Софија. Доколку двете страни успеат да се усогласат, ЕУ и француското претседателството би биле подготвени за нов обид, но шансите се чинат многу мали со оглед на тоа дека напредок меѓу двете страни нема, а нема ни време бидејќи од утре претседавањето со ЕУ го презема Чешка. Доколку во последен момент не биде постигнат напредок, прашањето ќе се префрли кај чешкото претседателство.

За евроинтергарацијата и за бугарската блокада, вчера во Мадрид на Самитот на НАТО разговараа претседателот Стево Пендаровски и германскиот канцелар Олаф Шолц. Во соопштението од кабинетот на Пендаровски, се вели само дека останува силната и значајна поддршка од Германија за нашата европска интеграција и отворање на пристапните преговори со ЕУ. За францускиот предлог или за некое друго излезно решение, во соопштението ништо не се спомнува.

Невозможно е решавање на спорот со Софија до истекот на француското претседателство, смета лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Барањата на официјална Софија, според него, се премногу максималистички и среќен е што Скопје го одби францускиот предлог.

– Нема напредок од проста причина што толку се максималистички барањата на официјална Софија што што дури и за овие кои се таму и преговараат во името на граѓаните не се прифатливи. Барањата се толку максималистички што се надвор од здрава логика и надвор од сите европски вредности, рече Мицкоски.

Тој порача оти нивниот став како политичка партија е прецизен, а тоа е дека нема преговори за јазикот и никакви фусноти не се прифатливи.

Директорката на Институтот за европски политики – ЕПИ, Симонида Кацарска смета дека на последниот ден од француското претседателство, рамно е на чудо да се очекува некаков договор за разликите помеѓу Северна Македонија и Бугарија во однос на предлогот на Франција за тргање на ветото и деблокада на евроинтеграциите на земјава.

– Тешко дека за еден ден ќе може да направиме клучен пробив во однос на „пеглање“ на разликите поради документите коишто беа усвоени во бугарското Собрание и нашите црвени линии. Очекувам дека чешкото претседателство ќе го преземе ова доколку не видиме некое чудо, меѓутоа веројатно со смален интензитет од она што работеше француското претседателство. Кај Чешка мислам дека примарниот фокус е Украина, како што знаеме, веројатно и Самитот којшто требаше да биде за Западниот Балкан од она што се последни најави е дека истиот ќе биде за Украина, изјави Кацарска.

Франција денеска го завршува шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ. Од 1 јули со ЕУ ќе претседава Чешката Република. Порано овој месец, Владата во Прага ги соопшти прироритетите на своето претседавање во кои не е наведено проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан.

Најнови вести