Република Бугарија добро знае дека Македонската држава е настаната во антифашистичката борба, изјави поранешниот амбасадор во Република Бугарија, Марјан Ѓорчев во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител Телевизија.
– Именувањето на клубот во Битола со име „Ванчо Михајлов“ односно човек кој е осведочен соработник на фашистичкиот режим во Хрватска и Италија, човек што негов мотив е политичко насилије и терор ширум Европа претставува поткопување на максимата за заедничка историја. За каква заедничка историја ние зборуваме кога македонската антифашистичка борба и третиот Рајх на Бугарија се две спротивставени страни во историјата, рече Ѓорчев.
Ѓорчев посочи дека Република Бугарија ја претставува нашата антифашистичка борба како еднократен чин, ја негира нашата вековна револуционерна борба за создавање македонска држава, ја негира нашето еволуционо сознавање за македонската самосвест. Таа се обидува и да прикаже дека Македонија односно во тој момент Народно Федеративна Македонија настанала еднократно на 2 август 1944 година.
– Македонските власти потребно беше да реагираа многу поубедително и на некој начин да им стават до знаење на бугарското малцинство во Македонија дека тие мора да ја почитуваат Македонската држава. Нашата вистинска Македонска вредност е тоа дека ние сме дел од таа Европска антифашистичка борба, истакна Ѓорчев.