Никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Доколу нема договор, Комисијата по секоја цена нема да носи решенија за историските недоразбирања, изјави Драги Ѓоргиев, копретседателот на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања со Бугарија на денешната прес – конференција, потврдувајќи дека периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе расправа Комисијата.
– Ние никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период за којшто ќе дискутираме, дискусиите ќе траат и во крајна линија ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение ќе го презентираме. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија, рече Ѓоргиев на новинарско прашање на прес-конференцијата која уследи по брифингот одржан во просториите на Министерството за надворешни работи во Скопје.
Тој додаде дека Комисијата не расправа за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани, туку за тоа како се тие презентирани во учебниците по историја во двете земји и дали е потребно нивно поинакво презентирање во бугарските учебници и во македонските учебници.
– Ние не расправаме за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани. Историографијата ќе си ја продолжи својата работа со истражување, историчарите ќе ги презентираат своите видувања за настани и за личности онака како што тие мислат. Комисијата на никој начин нема да влијае врз историографијата, врз пишувањето на историските книги, врз истражувањата итн. Комисијата ќе се фокусира на учебниците по историја со цел да придонесе да се надминат одредени недоразбирања кои постојат во учебниците за да се релаксираат односите меѓу двата народи, меѓу двете држави, рече Ѓоргиев.
Прашан во однос на тоа како ќе ги исполнат роковите за постигнување резлултати од нејзината работа, кои се содржани во Протоколот што го потпишаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Ѓоргиев е дециден дека тој документ содржи само охрабрување од политичарите, но динамиката на работата и постигнувањето резултати ќе зависи од членовите на Комисијата.
– Рокови во однос на постигнување резултати на Комисијата имаше и порано, и тоа е начин на кој размислуваат политичарите. Тие сакаат да постигнат резултати. Меѓутоа таму не стои во Протоколот императивно кога ние мора да ги завршиме тие прашања од средниот век. Таму стои охрабрување да се заврши за одреден период. Комисијата има своја динамика на работа, свој начин на работа, и се додека двете страни не утврдат дека е постигнат резултат согласно академските принципи, согласно последните историски истражувања, резултати од последните историски истражувања, ние нема да излеземе со готов производ, препорака во однос на учебниците. Така да, ние ги земаме во предвид охрабрувањата од политичарите, но динамиката на работата и постигнувањето резултати ќе ја диктираме ние, подвлекува Ѓоргиев.
Во однос на учебниците, тој појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, и кои можат кај младите генерации да предизвикаат тензии, омраза итн.
– Во таа смисла Комисијата работи на надминување на тие места во учебниците, што верувам е една задача која ја има и секоја комисија која работи на вакви историски прашања во однос на учебниците по историја, рече копретседателот на македонскиот тим во Заедничката комисија за историски и образовани прашања Драги Ѓоргиев.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања усвои препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил.
Препораките денеска се објавени на веб-страницата на македонското МНР. (МИА)