По повод 11 февруари – Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, на иницијатива на сопругата на претседателот на Република Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, се одржа панел дискусија за улогата, застапеноста и видливоста на жените во науката, како и предизвиците со кои се соочуваат.
Учеснички на панел дискусијата беа жени научнички од земјава, а свои излагања имаа професорките Јана Клопчевска, Јадранка Блажевска – Гилев и Емилија Фиданчевска од Технолошко-металуршкиот факултет, Марина Стефова од Институтот за хемија на Природно – математички факултет и Ариета Алиу, стручен наставник во тетовскиот Училишен медицински центар „Никола Штејн“.
Ѓоргиевска истакна дека родовата еднаквост и дисбалансот се сѐ уште предизвик во однос на целосен и еднаков пристап на жените и девојките до науката и учеството во неа.
„Жените обично добиваат помали грантови за истражување во споредба со нивните машки колеги. Иако тие претставуваат 33.3% од сите истражувачи, само 12 % од членовите во националните научни академии се жени. Жените сѐ уште сочинуваат мал процент од дипломирани инженери, и честопати имаат пократки и помалку платени кариери и нивната работа е недоволно застапена во научните списанија“, посочи Ѓоргиевска. Таа додаде дека постигнувањето на глобалната родова еднаквост и развојот во науката се два клучни аспекти на меѓународните цели за одржлив развој до 2030 година.
Според Ѓоргиевска неопходно е вмрежување и поврзување на науката со бизнис заедницата со цел зголемување на иновативниот потенцијал во државата.
„Се согласувам дека едукацијата е важна, важно е да печатиме трудови и да се види колку сме направиле во областа на науката, но сепак во крајна линија, науката „пер се“ не е доволна. Сепак, конечно треба да има некаков исход од тоа што сме го работеле, односно поврзување на науката со индустријата, и изработката на оние модели, кои сме ги добиле по пат на научни методи. Мислам дека тоа е конечниот исход кој треба да го имаме“, истакна Ѓоргиевска.
Таа оцени дека е неопходно поголемо учество на жените и девојките во јавни дебати, изразувајќи надеж дека преку вакви отворени дискусии и со поголема вклученост на надлежните институции, жените и девојките ќе бидат дел од решенијата за надминување на предизвиците со кои се соочуваме.
И покрај напорите што се направени во изминатите децении за мотивирање и инклузија на жените во науката, додаде Ѓоргиевска, сепак тие сѐ уште се недоволно вклучени во науката.
Меѓународниот ден на жените и девојките во науката годинава се одбележува под мотото „Еднаквост, разновидност и инклузија: водата нѐ обединува“ и во таа насока на панелот се дискутираше за влијанието на науката во справување со климатските промени, од аспект на зачувување на водните ресурси и обезбедување пристап до чиста и безбедна вода, со цел заштита и спречување на болести.
Беа разгледани аспектите на влијанието на науката и технологијата во подобрување на квалитетот за живот, потребата од инвестирање во науката и еколошката технологија со цел изнаоѓање на решенија за подобрување на животната средина, како и за начините на кои жените научнички можат да придонесат во подобрување на достапноста на чиста вода за пиење и за хигиенски потреби.
Во дискусијата учествуваа и асистентките Марија Прошева, Ива Димитриевска, Деспина Костадинова и магистрант Ема Стојчевска.
Ѓоргиевска ги поздрави научните достигнувања на учесничките на панелот и домашната и меѓународната соработка што ја остваруваат, додавајќи дека особено е инспиративно кога ќе слушнеме млади девојки реализирани во областа на науката.