четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Големи оштетувања на пристаништето во Охрид

Големи оштетувања на пристаништето во Охрид

Делови од градското пристаниште во Охрид попуштаат. Оштетени се и некои од потпорните делови, а дел од камењата се изместени. Сопствениците на бродови и кајчиња велат дека никој не реагира и покрај тоа што веќе било алармирано кај одговорните институции, објавува телевизија Алсат-М.

„Разјадено е, уништено. Како што гледате од брановите кога беа, цело лето помина и зимата ќе фати уште ништо не е направено“, вели Ираклија Каневче-кајчар.

Причина за оштетувањата е и пролетното невреме проследено со силни бранови и висок водостој на езерото, но тука е и неговата старост. Имено, пристаништето е изградено минатиот век за време на кралството Југославија во 1938 година.

„…Имало случаи каде што туристите се шетале, па пропаднале во таа дупка и се сопнале. Не е убава слика и за градот како туристичко место. Во Европа една коцка да фали, една коцка ќе ја стават…“, вели Ристе Попоски- кајчар.

Уништеното пристаниште стана дел и од политичките игри.

„Заслужува ли Охрид, град под заштита на УНЕСКО, да има руинирано пристаниште кое од ден на ден сè повеќе и повеќе се распаѓа пред очите на охриѓани, но и пред очите на туристите? Фреквенцијата на пловилата се зголемува и местото станува тесно, а со доаѓањето на зимата уште повеќе ќе се оштети…“, рече Лидија Петкоска, советник во Советот на општина Охрид, ВМРО ДПМНЕ.

Од Капетанијата на пристаништа во Охрид велат дека се свесни дека треба да се преземат мерки за санација. Ја информирале локалната власт, но не добиле позитивен одговор.

„…По самиот кејски ѕид, односно пристанишен ѕид, постојат дупки и девијации кои мора да се избегнат, како горните камења не би паднале во тие вдлабнатини, а исто така голема е потребата и од негова надградба бидејќи од година во година имаме сè повеќе пловни објекти кои треба некаде да бидат сместени“, рече Горан Устијаноски- капетан на пристаништа Охрид.

Инаку, во Охрид долго време се најавуваше и санација на целото пристаниште и негова доградба. Од капетанијата велат дека и во таа насока нема напредок.

Најнови вести