Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија ги одликува Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов и Ремзи Несими, постхумно, и Живко Мукаетов со Орден за заслуги за Македонија.
Горан Стефановски постхумно се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во континуитетот и во осoвременувањето на книжевното културно наследство, за втемелување, развој и промоција на современите културни и уметнички вредности во земјата и меѓународно, за развојот на македонското драмско творештво и за воспоставување на основите на новите драматуршки форми во македонската книжевност, за збогатување и негување на македонскиот јазик и за воспоставување на новите модели во образовната и педагошката сфера.
Зафир Хаџиманов постхумно се одликува за огромниот придонес во специфичниот полижанровски развој во сферата на уметничкото творештво, за богатиот и специфичен опус во сферата на музиката, компонирањето и вокалната интерпретација, за иновативните модели на промоција на традиционалните хармонии и специфики во македонската музика низ современи и популарни форми.
Ремзи Несими постхумно се одликува за неповторлив и траен придонес во филолошките науки од областа на дијалектологијата и промовирањето на јазичното богатство, за промоција, лингвистички развој и вкотвување на значењето на албанологијата во Република Северна Македонија и во светот воопшто, за исклучителна научна дејност која придонесува за обликувањето на стандардниот албански јазик.
Живко Мукаетов се одликува за континуитетот, иновативноста, визијата и беспрекорните професионални стандарди во современото корпоративно управување во фармацевтската индустрија, за докажаниот квалитет во производството на брендовите кои се градени, одржувани и осовременувани со генерации наназад, за инвестицијата во новите технологии и во едукацијата и експертизата на кадрите кои ги создаваат брендовите, како и за неговата филантропска култура и широка општествена одговорност.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека четворицата носители на одликувањето имаат различни генерациски, творечки и професионални траектории, но, сепак, се спојуваат во единствениот животен пат кој води кон создавање на нови вредности во македонското општество.
Со ова заедничко доделување на Орден за заслуги за Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов, како што рече претседателот Пендаровски, сакаме да ги истакнеме поединците кои ја прават поголемата слика за напредокот на нашата заедничка татковина и благосостојбата на сите македонски граѓани.