Партијата Беса денеска и утре ќе ги продолжи консултациите дали да остане дел од владејачкото мнозинство или да го напушти, но генералниот секретар на партијата, Аријанит Хоџа, кој е министер за земјоделство, соопшти дека ќе се повлече од министерската функција без разлика дали Беса ќе остане во владејачкото мнозинство.
Тој го обвини коалицискиот партнер ДУИ дека им забиле нож во грб со тоа што поднеле приговор за гласањето во Желино каде што кандидатот на Беса победи со 69 гласа разлика пред противкандидатот од редовите на интегративците.
„Мојот став е јасен и чист, и да одлучи партијата дека треба да се продолжи со ова владејачко мнозинство, јас како министер нема да бидам дел од тоа владејачко мнозинство. Колку и да велат дека ова е емотивна реакција, човек живее за принципи и не можам да се гледам со тие луѓе на маса кога се подготвени нож во грб да му забодат на коалициски партнер кој цела година буквално со сите неправилности стоел само заради големата слика. Очигледно, ДУИ не ја интересира големата слика туку повеќе другите работи, како што е ова со Желино, да направи кризи и слично. Мислам дека е време пополека и тие да се подготват да менуваат“, рече Хоџа.