Министерството за здравство информира дека денеска до 10:00 часот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се хоспитализирани уште две деца суспектни на морбили.
– Станува збор за едно дете од селото Крушопек-Сарај и има едба година и едно девет месечно дете од населбата Шуто Оризари, двете невакцинирани. Тоа значи дека во моментов има 22 болни од морбили, од кои 20 се деца и двајца се возрасни, се појаснува во соопштението од Министерството за здравство.
Во вакциналните пунктови во Скопје до 13 часот вакцинирани се 10 деца или вкупно до денеска 1,904 лица ја примиле МРП вакцината.
Од Министерството за здравство уште еднаш повикуваат на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили. Има доволно количини од МРП вакцините.
Се апелира до родителите, уште утре да ги вакцинираат своите невакцинирани деца во вакциналните пунктови, пред почнувањето на второто полугодие. Апелот, стои во соопштението, важи за сите основни училишта во државата.
– Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење, се подвлекува во соопштението од Министерството за здравство.
МИА