32-годишниот Христијан Неделковски кому пред 8 години му е вградено вештачко срце е во ургентна состојба.
Здружението на пациенти со механичка циркулаторна потпора на работата на срцето и нивните поддржувачи „Храбро срце“ бара Фондот за здравство да дозволи итна трансплантација. Срцето му откажува, најитно да се преземе одговорноста, не смееме да губиме повеќе ниту еден член, алармираат од здружението. Двајца со ваква дијагноза веќе починаа. Да не дозволиме на Христијан да му се случи истото.
Инаку најмладиот пациент во земјава кој чека ваква операција е тринаесетгодишно девојче. А во земјава засега има повеќе од 20 пациенти на кои им е неопходно пресадување на срце.
„Спрегите со институциите во државата никако да стигнеме до тоа. Веќе двајца пациенти изгубивме поради спороста и тромоста на нашиот систем. Ајде да знаеме каде е пречката, но ние се’ уште не знаеме каде е кочницата и што точно се случува со нашиот систем за конечно да не заживее трансплантацијата во Македонија. Еве и нашиот трет случај, тоа е младиот Христијан, кој се бори веќе 8 години со две пумпи за живот и е млад човек со инзвонредно голема надеж дека еден ден тоа ќе се случи и тој ќе заживее како што треба и како останатите луѓе. Но од денес е на интензивна нега и дали ние треба да изгубиме уште еден живот, и уште еден, и уште еден, за да укапираме дека нешто треба навистина да сториме на полето на хартиите. Пред Нова година побаравме одговор од државните институции како што е Министерството за здравство и Фондот за здравство. Одговорот беше дека тоа ќе се почне, тоа е во план, и дека сега коронавирусот е причина. Јас мислам дека следно ќе биде изборите, а после тоа ќе дојдат годишните одмори, и така ништо не се случува на ова поле.“ – велат од Здружението.