петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Храна ќе има, но можни се нови поскапувања

Храна ќе има, но можни се нови поскапувања

Кризата со храната во светски рамки станува се поактуелна. Состојбата е загрижувачка, а последиците, велат експертите, допрва ќе се чувствуваат. Руско-украинскиот конфликт дополнително го наруши глобалното снабдување кое веќе беше загрозено од климатските промени и корона-пандемијата.

Колку земјава успева да се справи со ваквите „закани“ и како го менаџира ударот? Кој е резултатот од досегашните мерки за заштита на граѓаните и стопанството, се интензивира ли домашното земјоделско производство и кои култури се „најкритични“ ?

Надлежните уверуваат дека храна ќе има. И науката смета дека со недостиг нема да се соочиме, но предупредува на внимателност околу цените на одредени производи. Според земјоделците, може да се справиме со предизвиците и да обезбедиме сопствена храна само доколку политиките, мерките и субвенциите бидат креирани во насока на јакнење на вистинските производители, оние чија основна дејност е земјоделството. Бизнисот, пак, е дециден, дека ќе бидеме погодени од глобалниот недостиг, но колку, не може точно да се каже зашто зависи од тоа што ќе се преземе за да се намалат несаканите ефекти.

-Актуелната состојба секако загрижува, но моето мислење е дека кај нас сепак нема да се случи недостиг од храна. Она што не погодува и на што треба да сме внимателни е цената на одредени земјоделско-прехранбени производи кои ние не ги произведуваме во доволни количини и кои се од увоз, а сведоци сме дека цените сериозно пораснаа. Увозно сме зависни за одредени производи, но за жал тоа се основните прехранбени производи, пред се пченицата (брашното), маслото за јадење, месото (пилешко и говедско), млекото,… Она што е за нас како држава позитивно во оваа криза, предизвикана пред се од руско-украинскиот конфликт, е што не сме увозно зависни од овие дестинации. Главно ги увезуваме овие производи на регионалниот пазар, пред се од Србија, Хрватска, Бугарија, Унгарија, вели за МИА професорот Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Димитриевски нагласува дека земјоделското производство бележи опаѓање, а и приносите се ниски.

-Имаме производство кое, за жал, во последниве години опаѓа, а пред се се намалуваат обработливите површини и не само за културите кои ги наведов претходно, туку се намалува и бројот на добитокот. Се ова е резултат на комбинација од повеќе фактори, но најсериозен е депопулацијата, односно заминувањето на младите од руралните средини и напуштањето на производните капацитети. Во однос на приносите, немаме позначајни промени и главно тие се ниски, објаснува професорот.

Тој не очекува нарушувања и проблеми во однос на увозот.

-Сметам дека пазарот ќе функционира и дека нема да дојде до таква радикализација, да се доведеме во ситуација да нема од каде да увеземе иако тоа, секако, пред се ќе зависи од одлуките на државите од каде што увезуваме. И земјите што имаат големо производство на овие производи треба да го пласираат тоа производство за да не се доведат во состојба нивните производители да бидат оставени без доход, да не можат да го продадат произведеното. Се работи за производство со ограничен период на користење, кое мора да се пласира, подвлекува Димитриевски.

Професорот укажува и дека за вакви кризи, јасни се препораките на науката – домашното производство сериозно да се поддржува и промовира.

-Во вакви услови се согледува значењето на домашното производство кое треба сериозно да се поддржува и промовира, а науката да го прати производството и таа да се поддржува. Тоа и на студентите им го предавам, дека основна причина за постоење на земјоделските политики е обезбедување храна за населението на државата. Оттука, сите мерки за поддршка на земјоделството треба да се насочат кон користењето на сите производни капацитети, зголемување на продуктивноста во производството преку воведување современи технологии, користење на современите технички достигнувања, што, пак, може да се постигне само со користење на науката, односно на целиот научен потенцијал на државата, потенцира Димитриевски.

Националната федерација на фармери (НФФ) оценува дека во однос на храната, земјава станува увозно зависна што загрижува посебно сега, во услови на здравствена, енергетска и економска криза, а не се исклучени и уште поголеми поскапувања на прехранбените производи.

-Tреба на сите да ни биде јасно дека стануваме увозно зависна држава за храна. Според статистиката, во 2020 година увозот на храна и живи животни изнесува 618 милиони евра, а извозот e 392 милиона евра. Најголем увоз се бележи кај месото, потоа се зеленчукот и овошјето, па житарките, млекото и млечните производи, како и шеќерoт. Овие факти загрижуваат и ние како увозно зависна земја, се соочуваме со негативни влијанија врз македонската економија. Ќе следуваат уште поголеми поскапувања на прехранбените производи и тоа се случува секаде во регионот, па и во светот. Притоа, најголема штета претрпуваат земјоделците и потрошувачите. Кај нас има еден парадокс – поскапуваат прехранбените производи, а примарните земјоделски производи се со ниски откупни цени, без разлика што и тука цените на инпутите растат, како што се нафта, заштитни препарати, ѓубрива, додека сезонска работна сила нема или е многу скапа, вели за МИА претседателката на НФФ, Васка Мојсовска.

Таа нагласува дека ваквите движења во земјоделството, каде што цените на откупените производи се многу ниски во однос на цените за производство, делуваат демотивирачки врз малите земјоделци кои стихијно почнуваат да ги намалуваат своите површини и да ги напуштаат руралните средини.

-Голем дел од земјоделците ги намалуваат своите површини, бидејќи имаат повисоки цени за производство од оние што се продажни. Неколку пати како НФФ сме потенцирале и сега ќе потенцираме дека треба да се развиваат преработувачките капацитети за да може да се зголеми откупот на домашни производи со кои треба да се произведуваат домашни преработки на зеленчук и овошје. Ова е навистина значаен сегмент кој може да поттикне и помогне на развојот на нашиот аграр. Посебно внимание треба да посвети на подобрување и одржување на земјоделската инфраструктура во делот на патиштата, наводнувањето, одводнувањето и справувањето со климатските промени, но мора да се почитува и да функционира договорното производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој. Ако на ова не се работи, се разбира, дека како увозно зависна држава на прехранбени производи ќе имаме уште поскапување на прехрабените производи и тоа посебно на оние каде што потрошувачката е најголема, а тоа е лебот, млекото и месото, посочува Мојсовска.

Според неа, треба да се развиваат и да се јакнат синџирите за снабдување со храна од домашно производство.

Немаме доволно домашно производство и увезуваме храна зашто секторот, како нископрофитабилен, не е воопшто атрактивен за младите луѓе, а и производство не е многу автоматизирано, оценува Агро бизнис комората при Сојузот на стопански комори.

-Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2021 година се увезени прехранбени производи во вредност од 745,4 милиони евра, што е годишен раст од 12,2 отсто во споредба со претходната 2020 година, додека растот во првите пет месеци од оваа година во споредба со истиот период лани изнесува 17 отсто. Најмногу се увезува месо и месни производи, потоа зеленчукот и овошјето, па жита и преработки од жита. Кога овие бројки ќе се стават во корелација со фактот дека имаме одлични природни и климатски услови за развој на земјоделството, станува јасно дека земјоделскиот сектор не добива соодветна поддршка од креаторите на политиките за раст и развој. Иако има некои позитивни иницијативи и заложби сепак таа поддршка често не е навремена и нема континуитет, истакнува претседателот на Агро бизнис комората Горан Ѓорѓиевски.

Земјава, дополнува, секако ќе биде погодена од глобалниот недостиг на храна, но колкава ќе биде димензијата не може точно да се каже бидејќи зависи од тоа кои мерките ќе се преземат за да се намалат несаканите ефекти.

-На пример, ако се стремиме да имаме организирано земјоделско производство, за есенска сеидба треба да биде донесени нови мерки за поддршка и тие да бидат објавени поскоро. Една од овие мерки треба да биде обезбедување бескаматни кредити за набавка на репроматеријали. Исто така во тек се разговори во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ за заеднички да изнајдеме начини за справување со горливите предизвици како недостигот на храна и на енергија, напоменува Ѓорѓиевски.

Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија смета дека иако е мала веројатноста дека ќе се соочиме со општ недостиг на прехранбени производи, реално е да се очекува намалена понуда во смисла на количини и асортиман на производи, како и приоретизација од страна на преработувачите. Притоа, како што велат од Здружението, треба да се има предвид и дека се стеснуваат можностите за надополнување на домашната потрошувачка со увоз зашто кризата со храна има пошироки размери не само во регионот околу нас, туку и во Европа.

-Реално е да се очекува и раст на цените за да се надоместат зголемените трошоци, зголемени цени и на увозните производи, но исто така е реално дека тој раст не може да оди до бесконечност, поради што ќе мора да стапат на сцена и мерки за поддршка на ранливите категории население (ваучери за потрошувачка), но и компензација на трошоците за преработувачите. Во моментов, домашното производство на сурово млеко, месо, пченица, сурово масло за јадење не може да ги покрие во целост домашните потреби. Но, тоа не е нешто ново или од понов датум. Дефицитот во надворешната трговија се провлекува веќе подолг период, кај одредени производи увозот е до три пати поголем од извозот (млечни производи). Главен извор на увоз, на суровина, но и на готов производ се соседните земји, каде сточарството и поледелството се понапредни, попродуктивни и каде фокусот е даден на давање земјиште за сопствено производство на сточна храна и намалување на зависноста од цените во трговијата. И овие можности за увоз се стеснуваат поради новонастанатата криза и во соседните земји од каде традицоинално увезуваме суровини сточна храна, појаснуваат од Здружението.

Според Здружението, прашањето е особено чувствително кога се работи за основните прехранбени производи.

-Реалноста во делот на млечната индустрија е дека домашното производство на млеко опаѓа веќе неколку години по ред, но падот особено ескалираше во последните шест месеци. Слична е ситуацијата и во делот на производство на житарки, говедско и пилешко месо (освен во свињарството, каде бројката бележи благ позитивен тренд). Тоа се должи на цела низа фактори, а особено климатски, како и на енормниот раст на цените на сточната храна, суровините, репроматеријалите и енергенсите. Домашните прерабоувачи се соочуваат со драстичен скок на влезните трошоци, што не може да биде во целост пресликано во крајната цена на производите, поради ограничената куповна моќ на потрошувачите, потенцираат од Стопанската комора.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски е дециден дека храна ќе има и апелира, граѓаните да не се грижат.

-Се соочуваме со тешка прехранбена криза, но граѓаните може да бидат спокојни. Храна ќе имаме доволно за сите. Домашното производство на стратешки култури го стабилизираме и помагаме, креирајќи нови мерки за поддршка на земјоделците и за есенската сеидба. Преку ребалансот подготвивме земјоделски буџет со кој ги расчистуваме заостанатите обврски кон земјоделците, а почнува и авансната исплата на субвенциите, нагласува Николовски.

Од Министерството за економија потсетуваат дека за ублажување на ситуацијата согласно Законот за трговија досега беа преземени мерки на ограничување на цените, мерки за ограничување на трговската и профитната маржа во трговијата на големо и мало и мерки на забрана за извоз на одделни производи.

-Сите овие мерки се однесуваа на основните прехранбени производи. Најнови преземени мерки за ублажување на ситуацијата се: Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки со која се определи највисоката трговска маржа на основните прехранбени производи, Одлука за ограничување на извозот на одделни стоки со која се забрани извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица, Одлука за ограничување на извозот на одделни стоки со која се забрани извозот на огревно дрво, пелети, брикети и друго необработено дрво, како и Одлука за укинување на увозната давачка-царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење, велат од Министерството за економија.

Оттаму се осврнуваат и на надворешно трговската размена, но и нагласуваат дека во услови на недостиг на храна, не може да се доведеме во ситуација да нема од каде да увеземе.

-Статистичките податоци покажуваат дека сме нето увозници, но со оглед на географската структура на нашиот увоз кој претежно се врши од ЕУ, од земјите од регионот (ЦЕФТА), Турција, Украина и Обединетото Кралство со кои имаме склучено преференцијални договори за слободна трговија, во услови на недостиг на храна, не може да се доведеме во ситуација да нема од каде да увеземе. Доколку се погледне вкупната надворешно-трговска размена во делот на храна, ќе се види дека Република Северна Македонија е нето увозник при што увозот е двојно поголем од извозот. Трговскиот дефицит во делот на храната е најголем кај месото и месните производи, млекото и млечните производи и животинските и растителни масла. Суфицит се остварува само кај зеленчукот, овошјето и конзрвираниот зеленчук и овошје. Најголем увоз во делот на храна, повеќе од 50 отсто, се остварува од земјите на ЕУ. Потоа се земјите на ЦЕФТА, најмногу Србија, посочуваат од Министерството за економија.

Интервентен фонд – проектирани 250 милиони денари за растителното и сточарското производство

Во март годинава Владата ја усвои Програмата за Интервентниот фонд во земјоделството, „тешка“ четири милиони евра која, како што образложи тогаш министерот Николовски, нема никаква врска со останатите редовни програми за директни плаќања. Од Фондот, 120 милиони денари или околу два милиона евра се за субвенционирање на трошоците за ѓубрива, но дополнителни средства има и за одгледувачите на јагниња и свињи.

-Добро е што е формиран овој Фонд, кој е сериoзен инструмент за справување со кризни состојби како оваа. Дел од мерките на политиките се поддржуваат од него и треба да дадат позитивни резултати, но ефектите допрва ќе треба да се измерат и оценат, смета професорот Димитриевски.

Претседателката на НФФ, Мојсовска оценува дека Интервентниот фонд им помогна на поледелците во делот на одржување на насадите со јачмен и пченица.

-Но, ситуацијата на терен покажува дека со поскапување на инпутите, производство на пченица оваа година е со многу висока цена, а откупната цена која ја даваат млинарите е многу ниска и изнесува 18 денари за килограм. За да опстанат овие култури и есенската сеидба да биде реализирана, треба да има дополнителна поддршка, вели Мојсовска.

И Агро бизнис комората се согласува дека Интервентниот фонд имаше значајно позитивно влијание зашто помогна во покривање на трошоците за репроматеријали и ѓубрива.

-Сепак, оваа мерка беше задоцнета. Во земјоделството, процесот е организиран во циклуси кои не може да се одложуваат, така што ако не ги добиете навреме средствата за да купите тоа што е потребно, на пример некој препарат за прихрана, времето ќе помине, подоцна не може да се аплицира и на крајот, тоа се одразува врз приносот, нагласува претседателот на Комората, Ѓорѓиевски.

Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија не гледа конкретни ефекти од Интервентниот фонд.

-Одредени сегменти од агросекторот досега не беа опфатени со мерките на Интервентниот фонд, па во таа смисла во овој момент не би можеле да се презентираат конкретни ефекти. Има најава дека со ребалансот на Буџетот се обезбедени средства за исплата на заостанатите субвенции и тоа може да делува во насока на ублажување на состојбите. Истовремено, со уште позасилено темпо почнува реализацијата на програмите за државна поддршка за зголемување на сточниот фонд, доделување земјиште на сточари за сопствено производствена сточна храна. Во меѓувреме, итно треба да се забрани извоз на житарки кои се употребуваат како сточна храна (пченка, јачмен), како и луцерка. Не се јасни причините зошто и овие култури не беа опфатени покрај пченицата со мерките за забрана за извоз, посочуваат од Здружението.

МИА

Најнови вести