четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Продолжува растот на цените на храната во ЕУ

Продолжува растот на цените на храната во ЕУ

По значителните поскапувања во текот 2022 година, цените на прехранбените продукти во ЕУ продолжија да растат и оваа година, при што нивниот раст забави во текот на вториот и третиот квартал, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во септември 2023 година, цените на маслиновото масло, јајцата, путерот и компирот во ЕУ и натаму биле повисоки споредно со јануари 2021, но нивниот раст е со побавно темпо за разлика од претходните неколку месеци.

Така, во септември годинава просечната цена на маслиновото масло била за 75 отсто повисока споредено со јануари 2021 година, додека компирот во истиот период поскапел за 53 проценти.

Јајцата, пак, иако нивните цени забележаа одредено намалување во август и септември годинава, сепак се за 37 отсто поскапи во однос на јануари 2021 година. Цените на путерот пак во септември биле за 27 проценти повисоки отколку во јануари 2021 година, иако од ланскиот декември има тенденција на нивно постепено намалување.