Судиите наместо да ги водат рочиштата каде што странка е СЈО, служат само како декор и целосно се подредени на обвинителите, пишува Инфомакс.
Главната улога во судницата ја има СЈО, а обвинителите кои ги застапуваат предметите ја преземаат и функцијата на судијата. Безмалку се што ќе предложи или побара СЈО, судиите им удоволуваат без двоумење. Од друга страна, скоро се што ќе побараат обвинетите или нивните адвокати се одбива, особено доколку СЈО гласно се спротистави.
Впечаток е дека судиите се негативно настроени кон обвинетите и нивните адвокати, како да не е судии туку обвинители. Дрски се кон одбраната, често не им даваат збор, а често и кога ќе им дадат, истиот го одземаат или имаат негативна вербална или гестекулативна реакција кон нив, пишува Инфомакс.
Зошто е тоа така?
Прво за СЈО, па потоа и за судот.
СЈО на судењето се чувствува како власт. Како забегана власт. Доколку нешто не им се допаѓа тие се свесни дека ако побараат судот ќе им удоволи, бидејки судиите делумно се плашат од власта, а делумно се припадници или силно ја поддржуваат на владејачката партија СДСМ. Особено, новите судии, на кои им се доделени предметите од јануари наваму, се лица кои важат за најлојални подржувачи на СДСМ во судот, од секогаш. Тие биле на позиции, биле главни кога СДСМ бил порано на власт. Палеле-гаселе во судот. Кој бил претседател на судот, кој нешто друго многу важно. Откако СДСМ ја загуби власта, повеќето од нив ја загубиле моќта и станале многу фрустрирани на ВМРО-ДПМНЕ. Едвај чекале да се врати СДСМ. Сега, откако СДСМ се врати, излегуваат фрустрациите на површина и внатре во односот помеѓу колегите, но и кон неправедно обвинетите од ВМРО-ДПМНЕ.
Во една таква ситуација СЈО речиси да нема проблеми со судот. Тие доаѓаат секој ден и службено и приватно кај судиите, а за судиите СЈО е олицетворение на СДСМ и ДУИ во власта, така што веднаш се создава симбиоза. Дури и ако има некој судија кој не е до толку лојален на СДСМ, за да се охрабри да ослободи некој ако е невин, тој не смее да помисли на тоа, од причина што притисокот го чувствува секој ден, како од медиумите, кои 95 отсто се на страната на СДСМ, така и директно или индиректно од политичарите. Тие се свесни дека СЈО е во дневен контакт со неколку челници на СДСМ и затоа им е многу важно да остават добар впечаток кај нив.
Кога СЈО нешто ќе довикне, или ќе зборува со рака во џеб, или ќе навреди некој, нешто што најчесто и се случува на Фатиме Фетаи и на Гаврил Бубевски, обвинител кој важи за еден од најблиските до СДСМ, човек кој на дневна основа се гледа и слуша со министрите и премиерот.
Судиите состојбата ја ценат и по фактот што првиот човек на СЈО Катица Јанева е и формален член на партијата, со членска книшка од СДСМ. Сето тоа веќе излезе во јавноста, како и банкарските уплати на партиските чланарини, а сепак нема реакција на меѓународниот фактор. Ваквото замижување пред селективноста и политизираноста на СЈО врши дополнителен притисок врз судиите дека таму се за да слушаат и судат како што ќе им каже СЈО, односно во нивните очи-СДСМ.
Така што, не е за неверување она што неодамна го кажа Никола Груевски во изјава за медиумите, употребувајќи ја народната изрека: кадија те тужи, кадија те суди.
Неретко, состојбата е таква, што без СЈО да бара збор од судијата за да се произнесе, самиот судија им се обраќа и бара мислење и став од нив, кој досега без исклучок го почитува. Ова најчесто се случува кога судијата нема аргументи да го одбие предлогот на одбраната и бара помош од СЈО да му кажат било каков аргумент, кој потоа би го употребил за да го одбие предлогот.
На судењето за Космос, судијата Огнен Ставрев донесе одлука спротивна на очекувањето на СЈО, заради неупатеност. На следното рочиште, две недели подоцна, тој за да си ја исправи „грешката“, која законски воопшто не беше грешка, пред цела јавност донесе нова одлука со која си ја поништи сопствената две недели порано.
На судењето за предметот Тенк, поранешната претседателка на судот во време на СДСМ Добрила Кацарска, откако трпеливо ги ислуша сите барања и предлози на одбраната, објави пауза од еден час, оставајќи впечаток дека во тоа време ќе размислува, ќе анализира ќе чита и слично за да донесе одлуки. Едно од добро аргументираните барања беше поврзано со одлагање на процесот за неколку дена, па гледајќи ја добро одглумената сериозност и внимание на судијката, сите помислија дека нејзе навистина и е потребно време за да донесе одлуки.
За несреќа еден од бранителите на станување и се обрати со предлог одлуките да бидат соопштени следниот ден кога и онака имаше закажано рочиште, бидејќи се ближеше крајот на работното време. Одеднаш на судијката и се испушти кажувајќи дека не се согласува со тоа, бидејќи за утредента планирала давање воведни зборови, што дефакто значеше дека за поголем дел од предлозите таа веќе има донесено одлука. Јасен е заклучокот дека паузата и е потребна за да одглуми дека допрва нешто ќе размислува. Адвокатот збунето го коментираше тоа, прашувајќи дали ова значи дека одлуките веќе се донесени, на што доби одговор дека не се. Секако по паузата, истата ги одби сите до еден предлози на одбраната.
Отприлика таква е состојбата со судот во случаите на СЈО. Се е фарса, се е однапред договорено и одлучено. Единствено прашање е кој ќе биде најбрз од судиите за да осуди некој од ВМРО-ДПМНЕ. Тука веќе има мртва трка, ама не само за пресуда, туку и за повисоки судски функции и напредување во кариерата. Судиите брзаат да бидат пофалени од СЈО или од кој и да е друг кај Зоран Заев и СДСМ, за да ја добијат наградата која ја очекуваат. Затоа СЈО гледајќи го тоа се мирни, сигурни во себе и надмено и арогантно се однесуваат во судницата. Дефакто, од позадина, или понекогаш и фронтално го водат судењето во однос на тоа што ќе биде прифатено од судијата како предлог на одбраната, а што не, вклучувајќи ја и брзината на судските рочишта, пишува порталот Инфомакс.
Во Македонија и во минатото имало проблеми во судството. Но како денес, никогаш. Денес обвинителите од СЈО се судиите, а судиите од желба да се додворат на власта се однесуваат како обвинители, и такви пресуди планираат да донесат. Но, се има свој почеток и крај. Па така и овие судии и обвинители, еден ден ќе се разбудат со непријатно чувство, дека СДСМ ги загуби изборите и оди во опозиција, а ВМРО-ДПМНЕ се враќа на власт, и започнува ревизија на работата на секој од нив, и на нивното незаконско работење.
Извор: Инфомакс.мк