Иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров денеска поднесе барање до градоначалникот Александар Наумоски и Советот на општината за ревидирање на Деталниот урбанистички план С3 24 – Дексион Јурија.
Во него се бара намалување на катноста на зградите и укинување на одредбата што дозволува висина од 58 метри или 17 ката, да се намали бруто развиената градежна површина која сега изнесува 90.000 квадратни метри и 800 станови, како и да се намали опфатот на градежната површина и да се зголеми површината за зеленило.
Како што истакна Горан Костов од Иницијативата, доколку нивното барање не биде прифатено ќе поднесат преставка до Уставниот суд во која ќе бараат времена мерка за деталниот урбанистички план и повторно ќе излезат на протест, но овој пат пред зградата на Општина Ѓорче Петров.
-После саботните протести одлучивме повторно писмено да се обратиме до органите на општината и да побараме да се ревидира ДУП-от Дексион Јурија. Време е општината и градоначалникот Наумоски да покажат дека се на страната на граѓаните, а не на урбаната мафија и профитот. Очекуваме да го прифатат нашето барање и да биде ставено како точка на дневниот ред на наредната седница на Советот, рече Костов на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека до Иницијативата против урбаното дивеење стигнуваат многу барања од граѓани, кои како што рече, се оштетени од замавот на урбаната мафија во Ѓорче Петров.