среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ИНТЕРВЈУ СО СТЕФКОВСКИ: Гази Баба забрзано се развива, за две години реализиравме повеќе од 400 проекти – на јавен настан ќе дадам отчет пред граѓаните

ИНТЕРВЈУ СО СТЕФКОВСКИ: Гази Баба забрзано се развива, за две години реализиравме повеќе од 400 проекти –  на јавен настан ќе дадам отчет пред граѓаните

 

Скоро две години сте градоначалник на општина Гази Баба, колку сте задоволен од сработеното во изминатите две години?

Неколку денови не делат од 15ти октомври кога навршуваат точно две години од денот кога граѓаните на општина Гази Баба ми ја дадоа својата доверба да ја водам општината. Кога дојдов за градоначалник затекнав општина со многу децениски проблеми на граѓаните, не решени предмети за легализација, многу отпочнати и заглавени постапи, со еден збор затекнав општина затворена за граѓаните. За разлика од пред само две години, денес општината е вистински сервис на граѓаните, а градоначалникот е слуга на народот. Голем број од децениските проблеми се веќе минато, а континуирано работиме на реализација на нови проекти кои ќе донесат подобар и поквалитетен живот за нашите граѓаните. Да заклучам дека да, задоволен сум од сработеното во изминатите две години од мандатот“.

Кога велите решивме децениски проблеми на граѓаните на што точно мислите? За какви проблеми станува збор?

Иако живееме во 21 век во ерата на технологијата, граѓаните на општина Гази Баба беа оставени да живеат како во 19 век. Кога дојдов за градоначалник затекнав населени места без вода за пиење и населени места без фекална канализација. Тие проблеми на граѓаните траеле со децении, сите го ветувале нивното решавање но никој не превземал конкретни чекори во таа насока. Каква е состојбата денес? Минатата година го решивме проблемот со водоснабдувањето на населеното место Раштак, а пред само неколку дена започна изградбата на новата водоводна мрежа за населеното место Брњарци. Со реализацијата на овие проекти, повеќе нема населено место во општина Гази Баба кое нема чиста вода за пиење. Второ нешто со што се соочивме, тоа е недостатокот на фекална канализација во повеќе населени места. Денес за разлика од пред две години, населеното место Смилковци целосно доби фекална канализација, а додека во населеното место Црешево во тек се градежни активности за изградба на последната фаза со чија реализација секое семејство во Црешево добива приклучок на фекална мрежа. Исто така во тек се градежни активности за нова фекална канализација и во Чукур Маало – Трубарево, Гоце Делчев и Јурумлери, а за населеното место Идризово во општината немаше ниту проектна документација и истата е во завршна фаза со што следната година планираме буџетирање и реализација на тој проект. Фактот што само оваа година имаме изградено над 12 километри нова мрежа на фекална канализација говори за тоа дека сме цврсто решени да ставиме крај на децениските проблеми на граѓаните“.

Кои според Вас други важни проекти се реализираа изминатата година во општина Гази Баба?

Јас проектите не ги делам на важни и не важни, бидејќи за мене секој еден реализиран проект е потполно важен. Лично сметам дека изминатата година е успешна година за општина Гази Баба, а за тоа говорат сите реализирани проекти низ населените места. Комплетно ја завршивме изградбата на новата училишна сала на ООУ Кирил и Методиј во Стајковци и по 50 години оваа година за прв пат учениците од Стајковци, часовите по физичко и здравството образование ги реализираат во училишна сала, а не по училници. Ја започнавме со изградба новата училишна сала на ООУ Наум Охридски во Булачани каде што по 60 години ова училиште ќе добие нова училишна сала. Изградивме спортски терени на современа тартан подлога во повеќе населени места, а Инџиково доби спортски терен за фудбал на подлога од вештачка трева. Градиме нови детски забавни катчиња, а истовремено извршивме и реконструкција на најголем дел од веќе постоечките насекаде низ општина Гази Баба. Оваа година ја реализиравме и историски најголемата акција за асфалтирање на локални улици која сеуште трае, а го решивме и деценискиот проблем на жителите од новата населба Хиподром 2 кои конечно добија асфалтирана патна инфраструктура. Тука морам да го споменам и ЈКП Гази Баба кое преставува вистински граѓански сервис. Оваа година ЈКП Гази Баба доби оперативен центар со најсовремена работилница за изработка на урбана опрема. И многу други проекти кои Гази Баба ја прават поубаво место за живеење“.

Колкав број на проекти се реализирани од почетокот на Вашето доаѓање во општината досега? И дали ќе дадете отчет пред граѓаните по повод две години од Вашиот мандат?

Во изминатите две години на територија на општина Гази Баба се реализирани и започнати со реализација над 400 нови проекти. Отчетноста и транспарентноста се водилка во мојата секојдневна работа. Пред повеќе од еден месец во општината формирав работна група која ја предводам лично јас и интензивно работиме на подготовка на отчетот кој ќе го дадеме пред граѓаните по повод две години од мојот мандат за градоначалник на општина Гази Баба. Минатата година бев првиот градоначалник во историјата на општина Гази Баба кој на јавен настан пред граѓаните даде отчет за сработеното во првата година од мандатот. Тоа ќе се случи и овој пат, односно ќе застанам пред граѓаните на јавен настан и ќе дадам отчет за се она што е сработено во изминатите две години. Ние луѓето кои имаме општествено – одговорни позиции дадени од страна на граѓаните не смееме да заборавиме дека општината им припаѓа на граѓаните, а не на нас носителите на јавна функција“.

Неодамна срушивте дивоградба во Инџиково, а потоа се соочивте со закани по Вашиот живот. Дали ќе продолжите со рушење на дивоградбите низ Гази Баба или пак заканите Ве поколебаа?

Изминатиот период неколку пати во различни настапи во јавноста истакнав дека заканите кои доаѓаат до мене од разни групи нема да ме заплашат, односно нема да запрам во моите намери во општина Гази Баба да владее законот. Граѓаните сакаат силни институции, а не силни поединци. Сум кажал и пак ќе кажам дека компромис со Законот ниту сум правел ниту ќе правам. Секое непочитување на Законот ќе биде санкционирано и од тука доаѓаат моите апели до граѓаните да се почитуваат законските одредби за да немаме несакани последици потоа“.

Каква е соработката со централната власт, односно дали имате поддршка во реализацијата на проектите?

За жал морам да констатирам дека соработка со централната власт не постои. Никаква поддршка во реализацијата на проектите како локална самоуправа не добиваме. Јас често знам да кажам и дека оваа влада процесот на децентрализација го замени со процес на централизација, односно наместо да делигираат надлежности на локалната самоуправа и да го зголемат степенот на децентрализација, луѓето од власта гледаат како да одземат надлежности на општините и да создадат централизација. Едноставно посакуваат неколку луѓе од власта да ја имаат моќта за управување со се во државата“.

Што мислите во каква насока се движи Македонија?

Апсолутно Македонија се движи во погрешна насока. Зошто го мислам ова? Инфлацијата секојдневно расне и го јаде трудот на работникот. Гледаме како народот е соочен со сиромаштијата и е принуден излегува на улица да протестира. За прв пат во историјата на Македонија ни се случува пензионерите да ги бараат своите права на секојдневни протести. Протестираат скоро сите синдикати во Македонија. Наместо отпочнување на дијалог и изнаоѓање на соодветни решенија кај нас владата е зафатена со носење на Закон за амнестија, нешто што никој во државата ниту го бара, ниту го поддржува. Затоа излезот од оваа ситуација во која се наоѓа Македонија се парламентарните избори на кој граѓаните ќе гласаат за промени кои ќе донесат подобро утре за сите“.

Сметате дека не е потребно носење на Закон за амнестија?

Секако дека не е потребно. Воопшто не треба да се разговара на оваа тема. Што имаат граѓаните од носењето на еден ваков Закон? Апсолутно ништо. Со носењето на Закон за амнестија се испраќа порака на неказливост. Статистички гледано, анализите велат дека оние лица кои добиле амнестија или помилување најголем дел од нив по само неколку месеци повторно се соочуваат со сторување на ново кривично дело. Кажав претходно, но ќе повторам во Македонија има многу поважни прашања за решавање на кои чекаат граѓаните од Законот за амнестија кој очигледно се носи поради политички математики на поединци од власта во пресрет на парламентарните и претседателските избори“.

Вие сте претседател и на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба. Каква е состојбата внатре во партијата, постои ли раскол? Вие бевте еден од првите градоначалници кои даде поддршка на лидерот Мицкоски на што се должи тоа?

Точно, јас покрај градоначалник на општина Гази Баба која одговорност ми е дадена од граѓаните има и партиска функција во ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е претседател на општинскиот комитет. Гази Баба е еден од најголемите општински комитети на партијата. Она што можам со задоволство да го кажам е дека во ВМРО-ДПМНЕ владее целосно единство, внатре во партијата се чувствува победничка атмосфера во пресрет на парламентарните и претседателските избори. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде убедлив победник затоа што народот знае да процени кој може да ја подобри состојбата во Македонија. Власта на СДСМ и ДУИ имаа повеќе од шест години и покажаа дека ниту знаат, ниту можат да ја водат Република Македонија и затоа тие ќе заминат од власт. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја има целосната моја поддршка бидејќи тој изминатите години покажа дека умее да ја консолидира партијата и да ја врати на победничкиот пат, а за тоа говорат резултатите од локалните избори во 2021 година“.

Најнови вести