сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Интервју со Стефковски: Општина Гази Баба се развива како никогаш досега

Интервју со Стефковски: Општина Гази Баба се развива како никогаш досега

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски во интервју за Курир говори за реализираните проекти, идните планови и финансиската состојба на Општината. Што следно како проекти може да очекуваат жителите на Општина Гази Баба прочитајте во интервјуто.

Господине Стефковски објавивте дека е усвоена завршната сметка на општина Гази Баба за 2022 година. Дали сте задоволен од реализацијата на буџетот во изминатата година?

Стефковски: Апослутно да, за тоа говорат бројките кои се дел од завршната сметка и годишниот извештај на општината. Во 2022 година реализацијата на основниот буџет на општината во својата расходна страна изнесува 716.612.518 денари, или 73,04% од планираното. Доколку направиме разлика со изминатите четири години и ги земеме параметрите од реализацијата на основниот буџет од 2018 до 2021 година ќе забележиме дека оваа година реализацијата на буџетот е најголема. Притоа мораме да се осврнеме на фактот дека оваа реализација доаѓа во услови на сериозна енергетска криза во која се наоѓа Република Македонија и од која сме погодени сите единици на локалната самоуправа, а истовремено сме оставени без поддршка од Владата. Задоволен сум од она што е сработено во годината зад нас и можам да кажам дека во иднина не очекуваат уште поуспешни години на напредок и развој на општина Гази Баба.

 Посочувате дека програмите за капитални инвестиции, животна средина и спорт имаат голема реализација. Може ли да посочите на што се должи високата реализација?

Стефковски: Кога Секторот за финансиски прашања ја подготви завршната сметка и годишниот извештај, веднаш закажав колегиум со личните соработници на кој неколку часа вршевме детална анализа на реализацијата на буџетот и сите програми кои се составен дел од него. И она што можам слободно да го кажам е дека имаме позитивен раст на процентот на реализацијата на сите програми, споредбено со претходните години.

Во објавата на мојата официјална страна на фејсбук ги посочив програмата Ф-А преку која ги реализираме капиталните инвестиции кои се најважни за граѓаните и програмите за заштита на животната средина и спорт. Програмата Ф-А, односно програмата за капитални инвестиции оваа година има реализација од 226.885.698 денари, односно 71,27% од планираното. Ако направиме споредба со преходните четири години ќе видиме дека оваа реализација е најголема. Овој висок процент на реализација се должи на нашата посветена работа и реализирани над 210 нови проекти во општината. Асфалтиравме 15.863 метри квадратни површина во локални улици во населените места: Инџиково, Идризово, Стајковци, Јурумлери и други населени места. Изградивме нова мрежа на фекална канализација во должина од 9 километри и тоа во населените места Гоце Делчев, Јурумлери, Страчинци, Смилковци, Црешево и Јане Сандански. Го решивме проблемот со водоснабдувањето во Раштак и по децении жителите од Раштак во текот на летниот период во 2022 година имаа вода за пиење. Изградивме спортски терени со тартан подлога во Кирил Петрушевски, Тринагла, Колонија, Гоце Делчев и Керамидница, додека спортски терени со подлога од вештачка трева добија Стајковци и Страчинци. Се изградија голем број на детски катчиња, пешачки патеки но се реализираа и голем број на други проекти.

Што се однесува до програмата за Заштита на животната средина, јас како градоначалник од самиот почеток на мандатот кажав дека Заштитата на животната средина е на врвот на приоритетите на мојот мандат и дека тоа е така говорат бројките. Од 2018 до 2021 година во тие четири години, општина Гази Баба преку програмата за Заштита на животната средина има реализирано 6.185.259 денари, а само во првата година од мојот мандат се реализирани 6.312.336 денари, што е доказ дека она што го зборувам се реализира и ветувањата повеќе не се мртво слово на хартија.

Кога сме кај програмата за Спорт и тука состојбата е слична како со програмата за Заштита на животната средина. Имено, во периодот од 2018 до 2021 година за поддршка на Спортот во општината се годишно се инвестирани најмногу до 3.500.000 денари, а во 2022 година имаме инвестирано 8.529.000 денари директна финансиска помош за спортот во општината.

И можам да зборувам и за сите останати програми. Бележиме раст и во програмата за култура и културни манифестации, програмата за социјална заштита во рамки на која општината за прв пат во 2022 година започна да доделува еднократна парична помош за секое новородено дете и голем број на други проекти и мерки.

Колку се расходите кои општина Гази Баба ги има за репрезентација во 2022 година?

Стефковски: Мислам дека во едно претходно интервју за Вашиот портал кажав дека одговорноста да бидам градоначалник на општина Гази Баба за мене преставуваше мотив посветено да работам на реализација на ветените проекти и решавање на проблемите на моите сограѓани кои ги имале со децении, а не како можност за користење на лични привилегии. Место за непродуктивни трошоци во моето работење нема. Ниту еден денар пари од буџетот на општината не се потрошени за репрезентација, односно за одење по скапи ресторани. Покрај трошоците за репрезентација кои повеќе ги нема, јас сум единствен градоначалник, споредбено со сите мои претходници кои работните обврски ги извршува со своето возило и не користи ниту службено возило, ниту трошоци за нафта. Така е и така ќе остане се додека сум јас градоначалник на општина Гази Баба.

Каква е споредбата со претходните години, односно дали и колку трошела општината за репрезентација?

Стефковски: Во периодот од 2018 до 2021 година од буџетот на општината се потрошени 1.754.848 денари за репрезентација. Сметам дека тоа се големи финансиски средства кои непродуктивно биле трошени и затоа од 2022 година ставката која е за репрезентација во рамки на буџетот е нула денари. Средствата во буџетот се пари на граѓаните и истите ќе се трошат единствено за решавање на проблемите на граѓаните.

Како започна 2023 година за општина Гази Баба?

Стефковски: Нашиот народ рекол: “Денот по утрото се познава”. Новата 2023 година за започнавме уште поуспешно од претходната година. Во првите два месеци од новата година започнаа градежни работи за изградба на нова мрежа на фекална канализација во должина од скоро 8 километри. Истовремено заврши изградбата на новата фискултурна сала на ООУ Кирил и Методиј во Стајковци, како и спортскиот комплекс Иван Илиев во истото населено место. Започнавме со асфалтирање на локални улици во Ченто и Булачани, а веќе се издадени налози за работа и асфалтирање во Инџиково, Ергеле, Стајковци, Виниче и пристапниот пат кон поликлиниката во Железара. Едноставно во општина Гази Баба со самиот почеток на новата година започна да се реализира голема градежна офанзива која во следниот период интензивно ќе се реализира низ населените места во општина Гази Баба. Со гордост можам да кажам дека општината се развива како никогаш досега.

Неодамна започна да функционира алатката за комуникација на граѓаните со Вас, насловена како “Прашај го градоначалникот”. Дали граѓаните на општина Гази Баба ја препознаа ова алатка како позитивна и дали се користи за комуникација со Вас?

Стефковски: Комуникацијата со граѓаните е најважна во работата на локалната самоуправа и јас изминатиот период практикувам да оддржувам постојана комуникација со граѓаните. Оддржавме средби со граѓани во сите Урбани и Месни заедница, како и акцијата за посета на граѓаните по маала во населените места. Истовремено оддржувам и приемен ден за граѓаните во општината. Алатката “Прашај го градоначалникот” ја создадовме со цел граѓаните полесно да можат да го истакнат својот проблем, прашање или предлог и за истиот веднаш да добијат одговор. Задоволен сум од тоа како граѓаните ја искористуваат новата алатка, имам одговорено на повеќе од 500 прашања и тоа ќе продолжи така и во иднина. Во изминатите недели преку оваа алатка прочитав голем број на предлози и идеи, а истовремено и многу проблеми го добија своето решение.

Што е она што во следниот период ќе се изгради во општина Гази Баба? Што може да очекуваат граѓаните?

Стефковски: Кажав и во едно од претходните прашања дека 2023 година ќе биде уште поуспешна од 2022 година за граѓаните на општина Гази Баба. Веќе низ населените места во општина Гази Баба е во тек големата градежна офанзива која ќе донесе реализација на многу нови проекти. Комплетно ја завршивме процедурата и веќе е избран изведувач на градежните работи за изградба на новата училишна сала во ООУ Наум Охридски во Булачани и наскоро ќе започнат градежните работи. Дополнително во Хиподром ќе се изгради нов спортски комплекс со повеќе содржини. По однос на патната и комунална инфраструктура продолжуваме со градежните работи за изградба на нови канализациони системи во руралниот дел на општината, а оваа година ќе се реализираат над еден милион евра за асфалтирање на локални улици. Ќе се изградат голем број на спортски игралишта и детски катчиња, фитнес зони на отворено и многу други проекти. Општина Гази Баба е тргната по патот на напредокот и од тој пат враќање назад нема. Од ден во ден, месец во месец и година во година општина Гази Баба ќе биде подобро место за живеење за сите граѓани.

Најнови вести