недела, 24. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Интервју со Златко Перински: Власта ништо не работи, изминува цела година, а граѓаните се сведоци на нефункционална држава

Интервју со Златко Перински: Власта ништо не работи, изминува цела година, а граѓаните се сведоци на нефункционална држава

Ова е ваше прво интервју како шеф на кабинетот на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Од неодамна функцијата член на Извршниот комитет ја заменивте со далеку поодговорната, да раководите со Кабинетот на Претседателот. Кои се новитетите кои се случуваат изминатиот период во функционирањето на партијата?

– Функциите се минливи и морам да истакнам, тотално неважно во однос на суштинското функционирање на партијата. Одговорноста која ја носам како шеф на кабинет на Претседателот е огромна, точно е, но во неколку наврати сум споменал дека главната улога и главниот акцент во функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ ја имаат токму членовите. Секој еден член е еднакво важен без разлика на функциите кои ги имаат поединците. Веќе повеќе од четири месеци, ВМРО-ДПМНЕ има нов тим, ново раководство и во моментов ни се случува и последната фаза од доекипирањето на структуралниот тим на партијата, во однос на реконструкција и реорганизација на општинските комитети. ВМРО-ДПМНЕ доби нови свежина, нов елан, нова енергија и мотивација се со цел уривање на оваа ненародна и криминална власт предводена од СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ секогаш била водечка партија изминатите 28 години во однос на новитетите. Во моментов во партијата, во консултации најпрвин со нашето членство, а потоа и со сите граѓани се подготвува за креирање на конкретна програмска политика во сите сфери, која ќе биде креирана од страна на нашите стручни комисии, лица, советници, кои пак ќе бидат секојдневно во дослух со граѓаните. Изработката на програмата на која што ќе почива работењето на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде директно надгледувана, контролирана и филтрирана од Претседателот д-р Христијан Мицкоски, како и од стручните лица во кабинетот. Суштината е да таа програма биде изработена визионерски, за генерациите кои следат и да се базира на реални и издржани проекти кои што ќе бидат спроведени со точно прецизни и конкретни рокови кои ќе си ги зададеме, за разлика од сегашната власт која што е без концепт и всушност и воопшто не функционира и не работи. Сакам да им порачам на граѓаните слободно да учествуваат со нас преку сугестии до изработка на овие програмски цели. Решенијата на проблемите произлегуваат директно од граѓаните, бидејќи тие најдобро ги знаат, а наше е да изработиме конкретни проекти, за како што реков, решавање на нивните проблеми, бидејќи очигледно државата во овој момент оди кон амбис. Би сакал само да им обзнанам на сите граѓани дека се добредојдени во нашето централно седиште во партијата, каде што почнувајќи од денес,понеделник, па секој ден понатака ќе има отворени денови, а своите средби на тие отворени денови ќе можат да ги закажуваат директно во службата на пријавница во седиштето. Подеталните информации ќе може да ги добијат на партискиот сајт на ВМРО-ДПМНЕ. Додека пак во однос на конечното финиширање на реструктуирањето и реорганизацијата ќе резултира со огромен митинг на кој ќе ги обзнаниме нашите заеднички пораки и барања со граѓаните до Владата предводена од СДСМ.

Изминува првата година од новата Влада. Како ја коментирате работата на Владата предводена од СДСМ?

– Она што секаде го кажувам е дека оваа Влада не е нова туку е Влада со стари транзициски кадри. Ова се последните транзициски кадри во Република Македонија кои што набрзо ќе бидат пратени во историјата. Оваа Влада за жал е со своја единствена употребна вредност да уништи се што е македонско и да ги повреди чувствата на граѓаните. Нивната намена е јасна, па затоа и не се трудат да работат ништо и секоја нивна фраза на јавните настапи е во идно време со зборот „ЌЕ“. Не пропуштаат прилика за одговор на секој проект до каде е и што е кога ќе ги прашаат владините функционери или СДСМ да кажат „ЌЕ БИДЕ, ЌЕ НАПРАВИМЕ, ЌЕ РЕАЛИЗИРАМЕ”  и безброј такви лаги. Па оттука и слободно можам да кажам дека ова не е Влада како што заслужуваат граѓаните на Република Македонија, туку е „ЌЕ ВЛАДА”, која набрзо ќе биде „некогашна Влада”. Изминува цела година, а граѓаните се сведоци на нефункционална држава. Ништо не се работи, а и она што се работи тековно се проекти кои што се останати од Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Еве таков пример е токму денес, се пушта автопат во употреба кој е завршен уште пред една година. Замислете доколку цела година им треба да пуштат во употреба завршен проект, колку ли ќе им треба да го реализираат од почеток. Сведоци сме секој ден на нови скандали, на наместени тендери, на уништување на демократскиот капацитет на државата, како и политички прогон кој не запира, кој резултира со апсење на невини патриоти и влевање страв кај обичните граѓани. Ова не е патот кој ќе ја однесе Република Македонија во евро-атланското семејство. Криминалот и корупцијата секојдневно растат и во моментов сме лидери во регионот, што е поразително за нас. Нема криминалец, а да не е фотографиран со некој функционер на СДСМ или со Зоран Заев. БДП и економските параметри одат во негатива, што исто така е поразително за нас како држава. Граѓаните тонат во економски колапс. Нема повисоки плати, нема повисоки пензии, нема зголемување на приходите на граѓаните. Лажните ветувања сега веќе и официјално после цела година се лаги. Граѓаните тоа го гледаат и секојдневно ни ги кажуваат нивните маки. Реформските процеси не се спроведуваат и тапкаат во мртва точка. Од планот 3-6-9, сега гледаме дека најверојатно си играле весела математика на состанок во Владата ги собрале бројките од планот, им излегол резултатот 18 и сега го додаваат и бројот 18 за да биде 3-6-9-18. Очигледно е дека не се подготвени да ги спроведат реформските процеси кои ги бара Европската Унија од Република Македонија. Тоа уште еднаш ни потврдува дека оваа Влада не е способна да ја води државата. Видете главно прашање кое секој граѓанин треба да си го постави е  дали живее подобро, посигурно. Дали има повеќе пари во паричникот и дали е задоволен од она што се случува во државата? Одговорот е лесен, но и во исто време поразителен. Народот не е среќен, а младите не гледаат иднина во својата земја. Владата како диво месо ја гуши секоја прогресивна сила во оваа држава. Ние како општество одиме во бездна бидејќи си имаме работа со Влада за која нема критериум и вредности, а кога нема вредности, тогаш апсолутната власт продуцира делби, конфликти, се  владее со колективна хипноза која среќата ќе ни ја донесе пред екраните, ама граѓанинот не може да ја почувствуваат. Тие големи теми кои си ги вадат од фиоки имаат за задача да го одвлечат вниманието, но тоа нема да го усреќи народот, и нема да му обезбеди подобар живот. Погледнете што се случува, велеа дека ќе донесат живот а владеат со страв, стравот станува нешто без кое се не може, нешто без која владата не може.

 

 Споменавте политички прогон и уништување на демократскиот капацитет.

– Токму така. Оваа Влада која е свесна за својот капацитет кој го немаат за да ја водат државата, мораат да влеваат страв кај граѓаните. Апсењето на својот невин народ го шири гневот кај граѓаните. Од една страна се апсат невини граѓани, од друга страна се пуштаат криминалци кои направиле тешки кривични и монструозни дела. Се отпуштаат луѓе од работа, се закануваат на вработени. Собранието ја изгуби суштината на примарната цел, а тоа е законодавната власт и тоа благодарение на дефицитот на демократскиот капацитет од страна на СДСМ. Целиот овој политички прогон, закани, уцени, силување на демократијата и апсење на сопствениот народ еден ден ќе им се удри од глава како бумеранг на СДСМ. Сега се отпуштени, мислат дека се господари во оваа држава и на туѓите судбини, имаат десетици показни вежби каде се тренира строгост врз невини луѓе, било да е тоа преку полицискиот апарат или судството. Мислат и дека народот може да го манипулираат со некакви планови со чудни и необјасниви имиња, но тоа се ќе заврши, бидејќи граѓаните се многу помудри од она што мисли владата, гласот на тивкото мнозинство како армада ќе го порази картелот на власт, и ќе донесе победа, што ќе биде триумф на народот, на оној чесниот, работлив човек кој секое утро се буди со грутка во градите и чувствува дека државата оди во погрешен правец и се бори со дневните проблеми и го чека денот на избори, кога неговиот глас одлучува, иако молејќи, со пенкалото ќе ја одреди судбината, на оние кои што сега се дават во сопствената аздисаност, и ќе ни даде шанса нам, кои секој атом од нашата сила ќе го употребиме да го исполниме она кон кое што ќе се обврземе.

Кои се вашите лични основни постулати кои ги имате во себе како Златко Перински, а ќе ги примените во функционирањето како прв човек на чело на кабинетот на Претседателот Мицкоски?

– Јас сум човек кој долги години работел и создавал во приватниот сектор, а потоа бев и директор на СЦ Борис Трајковски. По професија сум магистер по човечки ресурси и носам големо искуство од областа. Моето пронаоѓање во делувањето на ВМРО-ДПМНЕ е затоа што моите лични постулати на секојдневно функционирање се совпаѓаат и се препознатливи со оние на партијата. Транспарентност, чесност, искреност, визија и многу работа и упорност. Ова се постулатите кои што веќе се применуваат во функционирањето на партијата. ВМРО-ДПМНЕ е препознатлива по своето напорно и непрекинато работење. Често пати се случува да остануваме по цели денови и цели ноќи во седиштето на партијата или заедно со членовите и граѓаните, за да можеме да ги споделиме заедничките мислења, но и спротивните, за да може да резултираат со взаемна искреност и чесно работење. Транспарентноста и искреноста на ВМРО-ДПМНЕ произлегуваат од тоа што секој еден член на партијата или обичен граѓанин на оваа држава, без разлика на етничка или верска припадност, секогаш има отворени врати во ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Мицкоски согласно својата агенда и можности лично ги прима и сослушува граѓаните и членовите. Без разлика на нашите тековни обврски, членовите и граѓаните ни се на прво место, бидејќи само така ќе успееме заеднички да ја смениме оваа ненародна власт, која за само една година направи хаос. Нашите партиски функционери кои комуницираат со граѓаните и членовите, свесни за укажувањето на транспареноста и искрениот однос, нема прилика, а да не ја искористат да го споделат својот личен телефонски број или да ги примат на средба граѓаните, како што реков, се со цел да бидат достапни на секој еден човек. Граѓаните веќе ја чувствуваат новата енергија на ВМРО-ДПМНЕ и довербата која взаемно ја имаме или со некои граѓани кои се изневерени и излажани од власта на СДСМ, која допрва ја градиме.

Најнови вести