Барем две грешки на возачот се причина за автобуската несреќа на автопатот Струма, во која загинаа 45 лица, изјавија во гостување на бугарската телевизија „Нова“, раководителот на истрагата Мариaн Маринов и професорот Станимир Карапетков.
„Нема предуслови за поведување кривична одговорност за друго лице кое е причинско-последично поврзано со ова. Главната одговорност е на возачот на автобусот. Од страна на возачот констатирани се најмалку два прекршоци – брзината и контролата на возилото -изјави Маринов во емисијата „Во фокус“.
-Докажавме дека автобусот се движел со околу 108 километри на час од дозволени 90. Патот бил влажен. Имаме забелешки на патната инфраструктура, но таа не била пресудна за оваа несреќа – изјави професорот Карапетков.
Тој категорично ја отфрли верзијата дека возачот згрешил и свртел кон исклучувањето од патот.
„Почетното движење на автобусот беше од нормалната десна активна лента -категоричен е Карапетков.
Сепак, тој објасни дека на околу 100 метри пред исклучувањето, возачот нагло свртел десно.
„Тогаш автобусот удира во заштитната ограда, која продира околу осум метри во внатрешноста на автобусот. Возачот веднаш почнува да кочи и има долга трага на кочење. Возачот го врти воланот кон лево и се упатува кон заштитните огради меѓу двете ленти. Автобусот ја скинал едната лента и продолжил да се движи околу 30 метри меѓу двете. Автобусот се запалил веднаш откако удрил во првата заштитна ограда – објасни Карапетков, додавајќи дека тој бил свесен и напрaвил се што е возможно.
Можеби грешката е во тоа што не свртил малку кон десно. Инаку, оваа брзина не е причина за несреќата -додава тој.
Маринов објасни дека вратите на автобусот не се отвориле веднаш, туку вратата кај возачот била откорната и воздухот што влегол оттаму придонел за пожарот.
Според истражителите, луѓето на првите седишта починале веднаш. Покрај тоа, утврдено е дека автобусот бил постар отколку што првично се тврдеше и немало никакви канти со бензин во него.