понеделник, 1. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Иванов оствари средба со претседателот на Собранието на Албанија

Иванов оствари средба со претседателот на Собранието на Албанија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Собранието на Република Албанија, Грамоз Ручи.

Претседателот Иванов и претседателот на албанското Собрание, Ручи разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, констатирајќи дека политичките односи бележат позитивен тренд на развој, со континуиран политички дијалог и учество во заедничките иницијативи и активности на билатерално,регионално и мултилатерално ниво.

-Двајцата соговорници констатираа дека Република Македонија и Република Албанија споделуваат идентични надворешно-политички цели во контекст на европските интеграции, добрососедските односи и регионалната соработка, како клучни предуслови за стабилност и просперитет на регионот. Претседателот Иванов и претседателот на албанското Собрание, Ручи се согласија дека парламентарната соработка може дополнително да се развива преку интензивирање на контактите помеѓу парламентарните тела и комисии, соопштуваат од Кабинетот на Иванов.

На средбата биле разгледани можностите за соработка меѓу двете земји во контекст на интеграцијата во ЕУ, а од македонска страна било изразено очекувањето за активна поддршка од Република Албанија во однос на членството во НАТО.

-На средбата беше истакната и потребата за заедничка посветеност за забрзување на реализацијата на тековните инфраструктурни проекти, како и унапредување на економската соработка меѓу двете земји. На средбата, македонскиот претседател изрази задоволство од усвојувањето на Законот за малцинства од страна на Парламентот на Република Албанија и изрази очекување дека истиот ќе придонесе за подобра заштита и афирмација на културните и јазичните идентитетски одлики на етничките Македонци во Албанија, стои во соопштението.

Најнови вести