среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Иванов: Военото лидерство треба да биде имуно на партиските и политички притисоци

Иванов: Военото лидерство треба да биде имуно на партиските и политички притисоци
МИА

Военото лидерство треба да биде имуно на партиските и политички притисоци. Секој што сака да биде воен лидер треба да биде свесен дека тргнува на трнлив пат полн со многу предизвици и многу откажувања, порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на одбележувањето на Денот на Армијата на Република Македонија – 18 Август.

Иванов во својот говор пред присутните воени старешини и владини претставници, нагласи дека лидерството и авторитетот не се наметнуваат, туку се заслужуваат.

-Лидерството и авторитетот се градат преку секојдневно носење одлуки на терен и во реални ситуации, во присуство на потчинетите војници и офицери. Воените лидери мора да се фокусираат на професионалните и животните стандарди на своите војници, да бараат приспособување на одбраната на новите предизвици, рече македонскиот претседател.

Според него, Армијата е неутрален чувар на територијалниот интегритет и независноста на земјата. Таа ја штити границата, сувереноста, безбедноста и унитарноста на Република Македонија.>

-Армијата им помагаше на своите граѓани во справување со природните непогоди, а учествува и континуирано во мировните мисии ширум светот, рече тој.

Иванов потенцираше дека како Претседател на Република Македонија, постојано инсистира за зголемување на средствата за Армијата, со цел да биде подготвена за предизвиците, додавајќи дека во Армијата мора да се вложува, и тоа е задача и за носителите на политички одлуки, но и за воените лидери.

Нагласи дека слободата, државноста, независноста, мирниот сон на нашите деца како да се земаат се повеќе здраво за готово, и како дек се губи од пред вид дека постои армија на луѓе кои положиле заклетва дека ќе ги бранат овие тешко стекнати вредности и по цена на своите сопствени животи.

Токму тие луѓе и таа институција ја заслужува нашата благодарност повеќе од многу други. Тоа е Армијата на Република Македонија, рече претседателот Иванов, додавајќи дека тоа се и нејзините досегашни и сегашни војници, офицери, генерали и началници.

Тој им порача на македонските војници дека се наследници на македонските борци кои биле водени од чисти мотиви и праведни цели, без темна дамка во историјата од која би се срамеле и за која би се извинувале.

-Македонските борци се бореле за слобода и човечки правдини и секогаш биле на вистинската страна на историјата. Илинденците се бореа против ропството и тиранијата.Партизаните се бореа против фашизмот и нацизмот. Вие, припадниците на современата Армија на Република Македонија, се борите против заканата од насилниот екстремизам и глобалниот тероризам. Се борите за заштита од последиците од илегалната миграција, рече македонскиот претседател.

Најнови вести