ДКСК има надлежност да врши регистар на избрани и именувани лица, кои се должни да поднесат анкетен лист. Овој регистар треба да се полни со податоци којшто го доставуваат раководните лица во институциите и органите кои вршат избор и тоа во рок од 15 дена од изборот, рече претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска во одговор на пратеничко прашање на Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ за аферата „Тајни имоти“.
– Сакам да укажам до Собранието, но и да упатам апел до сите овие раководни лица, кои не се ажурни и не го полнат регистарот за избрани и именувани лица, а пред се Владата ќе ја повикам. Повеќепати е укажано и на премиерот и на генералниот секретар и на вицепремиерката, сите оние кои се именувани од страна на Владата треба да ја известат ДКСК и ние да го полниме регистарот. Тоа не се случува, интероперабилноста не работи, што значи дека „работиме пешки“, вели Ивановска.
Таа кажа дека минатата година, кога имало повеќе разрешувања и именувања, ДКСК направиле акција и тогаш излегле 710 функционери кои не поднеле анкетен лист и оти за сите тие се покренати постапки, околу 400 се завршени, а за останатите постапката се уште трае.
– Прибирањето на информациите и податоците е рачно, тоа оди бавно. Сите овие предуслови што влијаат на функционирањето на Комисијата, треба да ги имате предвид. Проверката на имотната состојба, се одвива по годишен план, согласно закон, по поднесени дојави и пријави и по сопствена иницијатива, рече Ивановска.
За оваа година, додаде таа, имаме 54 избрани лица кои се дел од нашиот годишен план, меѓу кои се пратеници, директори и градоначалници.
– За сите оние што сметате дека не поднеле анкетен лист, слободно поднесете пријава, ние ќе провериме. Факт е дека постојат уште луѓе кои не се внесени. Очекувам дека конечно мандатот ќе го завршиме со тој софтвер којшто значително треба да ја олесни работата на ДКСК, рече Ивановска.