Собранието денеска треба да ја продолжи 88. седница, на која пратениците ќе дискутираат за предлогот за избор на Ристо Пенов за министер за локална самуправа.
Пенов е предложен за ова министерско место откако досегашниот министер за локална самоуправа Горан Милевски на 20 септември годинава поднесе оставка од функцијата од лични причини. Оставката на Милевски беше констатирана на вчерашната пленарна седница.
На денешното продолжение на 88. пленарна седница, пратениците меѓу другото ќе дискутираат и за предлозите за избор на судии на Уставниот суд, како и за Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.
Пратениците вчера едногласно дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозицијата. Од присутните 84 пратеници, сите гласаа „за“. Немаше ниту еден против или воздржан.
Собранието, исто така едногласно, со вкупно 76 гласа „за“, без ниту еден против или воздржан, дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од пратеници од владејачките партии.