вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Избран составот на ДИК, утврдена потребата за носење на законите договорени на лидерската средба

Избран составот на ДИК, утврдена потребата за носење на законите договорени на лидерската средба

Собранието на Република Македонија со 100 гласа „за“ ги избра претседателот, потпретседателот и членови на Државната изборна комисија (ДИК).

Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ е избран за претседател на ДИК, а Дитмире Шеху од ДУИ за потпретседател. Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од Беса ќе бидат членови на ДИК.

Привремениот состав на ДИК е избран со двотретинско мнозинство, и за него гласаа и владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што претходно беа договорени.

Со изборот на ДИК, која е со привремен мандат, се создаваат услови за организирање и реализација на претстојниот есенски референдум за името.

Собранието на 56. седница ја усвои потребата за носење на измените и дополнувањата на Изборниот законик, на Законот за Владата на Република Македонија и на Законот за финансирање на политичките партии, сите по скратена постапка.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги повика матичните комисии да ги разгледаат и да се изјаснат по овие закони, по што за нив ќе се гласа на 56. пленарна седница, која треба да продолжи во 19:00 часот.

Расправа немаше ниту за изборот на членови на ДИК, ниту за утврдување на потребата за измените на трите закони.

Собранието избра членови на ДИК и ја започна постапката за носење на овие три закони по договорот постигнат од парламентарните партии, а претходно и на лидерската средба во понеделникот.

Најнови вести