Изградбата на новиот театар во Тетово треба да достигне 40 милиони евра. Како што известија надлежните институции изградбата треба да чини 13,5 милиони евра, а заокружувањето на процесот кој опфаќа набавка на најсовремена опрема и ентериерно уредување треба да чини дополнителни 26 милиони евра.
Изградбата на театарот во Тетово може да ја надмине и цената на стариот театар во Скопје кој беше дел од проектот Скопје 2014 и за кој СДСМ остро критикуваше кога беше опозиција.
На прес конференции тогашниот портпарол на СДСМ Петре Шилегов ја скандализираше цената на чинење на изградбата и опремувањето на Стариот театар, барајќи кривична одговорност.
-Заедно со сите анекси, договори за предвидени и непредвидени работи, објектот „Стар театар“ до денес ги чини граѓаните неверојатни 39 милиони евра, изјави Петре Шилегов во 2013 година.
Денес кога СДСМ се на власт и кога реализираат изградба на театар во Тетово кој ќе чини и поскапо од тој во Скопје, никој во партијата не реагира и не скандализира.
Општина Тетово која се гуши во мноштво комунални проблеми, а пред се со сметот, загадувањето и водоснабдувањето ќе има можеби најскап театар во Македонија.
Зоран Заев пред локалните избори во Тетово заедно со Теута Арифи ветуваа решавање на комунални проекти и здрава животна средина за граѓаните на Тетово. Тие меѓу другото најавија доградба на објектот на гимназијата Кирил Пејчиновиќ, а ја посетија и Мала Речица, каде предвидуваа изградба на ново основно училиште. Од училиштето и гимназијата се уште нема ништо, ама затоа средства се обезбедени за изградба на театарот која ќе достигне 40 милиони евра.
Овие средства патем ќе бидат обезбедени од кратењето на парите кои беа наменети за изградбата на новата Универзална сала во Скопје, во која на ниво на Град Скопје, но и на ниво на државата се одржуваат стотина културни настани во годината.
Имено како што изјави Валмир Незири, државен секретар во Министерството за култура во февруари во емисијата „200“ што се прикажува на ТВ Алсат М, ги убедил СДСМ парите наменети за Универзална сала, која иако се руши и претставува опасност за граѓаните на Скопје, да се пренаменат за Тетовскиот театар.
Ниту Шилегов, ниту Заев ниту СДСМ засега немаат коментар за овој случај, иако беа мошне гласни само до пред некоја година.