Болката е неискажлива и не може да се опише. Треба да се преземат мерки за да не се гуши и друга фамилија во ваква болка – вели Слаџана Ризинска од Берово, чиј братучед Јован Димовски (25), како што тврдат, починал од сепса откако му била направена интервенција на заб во Клиничката болница во Штип.
ММС ја контактираше Слаџана одблиску да нѐ запознае со тоа што навистина се случило и како дошло до овој трагичен случај, кој ја потресе македонската јавност. Со неа зборувавме откако беровчани го испратија младиот Јован во неговото вечно почивалиште.
Неговата братучетка Слаџана вели дека Јован бил човек кој го знаел целиот град, имал многу пријатели и другари, а во емотивното сведоштво за Македонски медиа сервис раскажа за голготата низ болничките лавиринти.
„Со Јован бевме најблиски, мојот и неговиот дедо беа браќа. Тој имаше тешко детство заедно со неговиот брат, а мајка им ги израсна сами. Мојата тетка ги исчува сама, таа целиот живот го посвети на нив. Сега кога веќе застанаа на свои нозе, тој заврши фатално од ништо. Татко му почина пред десетина години, а претходно замина во странство. Мајка им ги израсна во момчиња, да се снаоѓаат сами во животот. За жал, ете до каде била судбината, ако веќе било судбина…“, вели Слаџана.
Како вредно момче кое сакало чесно да си го заработи лебот, Јован заминал да работи во Чешка заедно со својот брат Александар, кој пак потоа отишол на работа во Швајцарија.
-Тие беа многу приврзани, па тој си дојде од Чешка и кога се видовме ми рече „дадо, јас не можам без Александар, ќе одам и јас за Швајцарија да работиме заедно“. Вредно и чесно си го заработуваа лебот, сѐ додека не го заболе забот пред две недели и прво се јави на стоматолог во Берово – раскажува Слаџана.
„Констатираа дека тоа е седмица заб и дека има оток поради што во Берово не може да се изврши интервенција односно хируршки зафат. Прво го сликаа па му кажаа да одбере дали таа интервенција ќе се направи во Штип или Струмица. Тој сакаше во Штип. Отиде наредниот ден во Штип каде што му беше направена интервенција и таму остана четири дена“, вели Слаџана.
Слаџана потенцира дека Јован си дошол дома во страшни болки, но раната се чистела. Во меѓувреме, тврди Слаџана, му паднал дренот и бидејќи било недела (21-ви август) тој отишол во Итната медицинска помош во својот град. Таму му била направена преврска и му било кажано дека треба повторно да оди за Штип.
Слаџана вели дека е изреволтирана бидејќи оваа информација никој јавно не ја споменува, односно ја нема во извештајот од лекарот кој вчера до медиумите го лиферуваа од Болницата.
„Негово другарче го однесе за Штип и таму истиот доктор му направил повторно интервенција и му го ставил дренот наопаку. Уште таму Јован му рекол дека цела страна почнува да го боли и дека голта крв. Докторот му рекол дека имал многу пациенти и дека сите ги боли. Се вратил за Берово во неделата. Кога се вратил дома, Јован се гушел во болка и добил уште поголем оток. Тетка ми вели дека му се фаќало цело тело, не можел да стане од кревет. Почнал да повраќа крв и гној и заминале во амбулантата во Берово каде бил повикан неговиот матичен заболекар и таму констатирале дека тој има дрен наопаку. Не тече крв од раната, туку навнатре и Јован веќе бил затруен“, раскажува Ризинска.
Таа вели дека додека трае голготата на момчето, од Берово го праќаат директно за Скопје. Во возилото сепак, неговата ситуација се влошила, за што посведочила и медицинската сестра која била дел од тимот.
-Вчера зборував со медицинската сестра која била во возилото на Итната медицинска помош и таа рече: „Ќе застанам зад случајот“. Пред Штип, Јован изгубил свест. Ја држел за рака и ѝ рекол: „Јас ќе умрам, се гушам и не можам да дишам“ – објаснува Слаџана.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.