Професорката Елка Јачева-Улчар, една од потписниците на писмото на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ за Законот за јазиците, со свој став излезе и денес за оваа тема.
„Не ми останува ништо друго, освен да го повторам мојот став кој е идентичен со ставот на 17 мои колеги од Институтот за македонски јазик кои предложија овој закон да се повлече сѐ додека не се направи попис на наслението и пред да се отвори јавна стручна расправа. Законот во онаа форма во која го имавме на увид беше симптоматичен по многу основи за кои, покрај мене, јавно зборуваа и академик Катица Ќулавкова, и професорките Билјана Ванковска и Гордана Силјановска, и колегите од Институтот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, Александра Ѓуркова, Гоце Цветановски, како и голем број интелектуалци Македонци кои живеат и работат во странство…. Овој закон не ја одразува реалната јазична состојба во државава. Во моментов на територијаата на нашава земја не постои двојазичност дури ни онакава каква што имавме во бившата држава кога Албанците ги зборуваа паралелно и двата јазика. Денес ситуацијата со младата албанска и македонска популација е дека ниту едните ниту дригуте го зборуваат јазикот на другиот, а кохезивно средство за комуникација наместо да биде македонскиот, ќе биде трет јазик. Со овој закон се отвора и прашањето кој јазик ќе се користи во меѓународната комуникација, како и форсирање на албанскиот во однос на македонскиот преку отворање Агенција и Инспекторат за примена на албанскиот јазик… Според ова, сметам дека овој Закон ќе биде вештачки наметнат на целата територија на Република Македонија со огромни финансиски импликации кои најдрастично ќе ги почувствува и онака сиромашното население во земјава, истакнува таа.