Поради отсуство на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска денеска се одложи судењето против неа за случајот „Тенк“.
-Адвокатите ме информираа дека на рочиштето што беше предвидено за денес, додека бев во болница на преглед и примав терапија за што до судот беше доставена медицинска документација, заедно со документацијата за уредно отворено задолжително породилно боледување (кое според закон се отвара од 45 дена најдоцна до 28 дена пред породување) судијата Кацарска наредила да ми направат вештачење за да се утврди состојбата во која се наоѓам т.е да ме прегледа доктор што таа дополнително ќе го определи за да констатира дали и покрај обемната медицинска документација, препораките од докторите за ризиците за детето, во последните недели од 9 месец на бременоста навистина сум спречена да доаѓам на долготрајните судења кои се одвиваат во отежнати услови и на високи температури, вели Јанкулоска за Нетпрес.
Поради ризичната бременост судијката Добрила Кацарска ја раздвои постапката против неа за блиндирнаиот Мерцедес уште во април, а за денеска беше закажан почеток на судењето. Одбраната на Јанкуловска нејзиното отсуство го оправдала со медицинска документација но на предлог на СЈО, судијката побарала целокупната документација за здравствената состојба да биде доставена во судот до понеделник по што ке биде испратнеа на вештачење во Клиниката за Гинекологија со барање да одговорат кој месец е бремена и дали е во состојба да доаѓа и да го следи судењето, потврдија од Кривичниот суд.
-Дојде живот, нема веќе потреба од проекти на УСАИД од проекти за Заштита на правата на жените ниту од маршеви за „Платформата за родова еднаквост“ и организирање вечери за женските права од страна на УН Воман и Институтот за човекови права. Изгледа ова е тој „неопходен пресврт, како што доликува на една демократска Европска земја” за кој зборуваше министерката Мила Царовска по повод 8-ми Март и ова се конкретните дела за надминување на родовата нееднаквост и борбата против насилството врз жените. Очигледно ова е производ на секојдневната работа на Владата „на исправање на неправдите и унапредување на правата на жените во Македонија”, за кои зборуваше Радмила Шекеринска на Осмомартовскиот марш во Куманово, објаснува Јанкулоска за Нетпрес.
Таа рече дека адвокатот ја ин формирал дека судијката Кацарска закажала 8 дополнителни термини за рочишта на 13,14,29 јуни и 4,5,9,12,14 јули т.е за периодот од 38 и 42 недела или 2 недели после крајниот термин за породување.
-Исто така ми пренесоа дека ако во меѓувреме се породам, а не се донесе пресуда, најдоцна 40 дена по породувањето морало да продолжи судењето, без оглед што според Законот што го регулира породилното отсуство, јас и да сакам не смаем да го прекинам боледувањето пред да изминат 45 дена од раѓањето на детето. Но не можам да се оптоварувам со ефикасноста на реформираното судство, во овој момент најважно ми е да се потрудам сето ова, да не влијае на здравјето детето, вели Јанкулоска.
За случајот „Тенк“ првостепени пресуда веќе добија Груевски од 2 години затвор и екс началникот Ѓоко Поповски од 6 ипол години затвор.