Јован Јаулески, Претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за пратеник во изборната единица 5 вчера при своето обраќање во Струга порача дека Струга е заборавена од страна на владата на СДСМ.
-Струга е заборавена од власта. Инвестиции нема, нема проекти, нема ништо. Ова е вистинскиот збор за Зоран Заев – огромно ништо! Три години со СДСМ само тонеме. Тонеме економски, социјално и на секаков план. Живееме во едно тешко време, време на многу предизвици на светско ниво, време во кое потребна одлучност и храброст, како од својата држава да се направи подобро место на живеење. Ја распродадоа државата во секоја смисла на зборот. И национално и економски. Народот го осиромашија. Ветуваа плата од 500 евра, а пред само неколку дена излезе податок дека платата во април е помала за 600 денари од месец март. За лошите политики има многу да се зборува. Но јас сум тука да ја презентирам нашата визија и обврска кон Струга и Македонија, истакна Јаулески.
Јаулески во своето обраќање укажа дека во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се предвидени многу проекти, а пред се акцент ќе се стави на младите и нивното задржување овде во Република Македонија.
-Во таа насока предвидовме ослободување на младите до 29 година од данок на личен доход, ова ќе ја стимулира младинската вработеност и ќе стимулира на отворање на нови бизниси од млади претприемачи. Не смее Струга да стане град на стари лица и пензионери. Изготвивме стратегија за млади лекари, ги зголемуваме средствата за младите земјоделци. Сериозен фокус ќе се стави на иновациските и ИТ зони, тие ќе нудат даночни и инфраструктурни поволности за млади. Обновата не обврзува сите, да не дозволиме некој друг да креира политики на наше место, рече Јаулески.
Јаулески од Струга порача дека ова е последна шанса на државата да тргне напред и додаде дека тимот предводен со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе ја донесе обновата и ќе се врати надежта и достоинството на македонецот.