Се објавуваат фотографии и контакти од малолетнички, девојки и жени, се ставаат недолични коментари, се врши психичко насилство врз жртвите. Групата „Јавна соба“ повторно ја вознемири македонската јавност.
Голем број на лица се ставени во ризик, а откако случајот беше пријавен, следуваа закани од секаков вид, па и закани по живот.
Полицијата до сега не успеа да им застане на патот на овие луѓе и покрај сомнежот дека меѓу нив може да има и педофили и луѓе кои се навистина спремни да им наштетат на жртвите, па дури и се распрашуваат за местото каде девојките живеат.
Од полицијата со која раководи Оливер Спасовски велат дека се влезени во трагата на корисниците на „Јавна соба“, но ништо конкретно не е превземено.
Полицијата од секторот за компјутерски криминал длабоко е влезена во групата на апликацијата Телеграм и одамна веќе ја фатила трагата на дел од вулгарните вознемирувачи, демначи на профили на девојки и жени на социјалните мрежи, на такви што споделуваат и реплицираат туѓи фотографии, под кои објавуваат лични податоци за жртвата и контакт со неа, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК .
Бидејќи апликацијата Телеграм има став да не соработува со владите, полицијата како што дознава СДК.МК користи свои методи за да влезе во мрежата, а податоците до кои доаѓала, ги проверувала кај мобилните оператори, но станува збор за долг и комплициран процес.
Овие настани се толку сензитивни и можат да бидат опасни, што МВР не смее да дозволи процесот на биде долг и комплициран. Треба да се дејствува веднаш, жртвите да бидат заштитени, а корисниците казнети.
Пред една година, „Јавна соба“ се појави за прв пат. Во тоа време, министер за внатрешни работи беше Наќе Чулев.
Порнографската група на Телеграм во која се постираа фотографии и видеа од девојки од Македонија беше веднаш избришана.
Избришани тогаш беа сите членови, откако администраторот на групата самиот се пријави во полиција, а две девојки го пријавија случајот. Членовите на групата бараа разголени фотографии од девојчиња, а бараа и фотографии од девојки со конкретни имиња и презимиња.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, тогаш информира дека утврдиле оти групата броела 8.000 члена, а биле откриени вкупно 800 фотографии и видеа, главно од „Фејсбук“, „Инстаграм“, но и приватни фотографии и видеа.
За време на овие случувања, пред една година, зборуваше и началникот на СВР Скопје, Ристо Ставревски. Во однос на случајот “Јавна соба” Ставревски посочи дека лицата беа брзо приведени.
-СВР Скопје во доменот во кој што може да делува, ќе делува на највисоко професионално ниво. Ние како СВР Скопје многу пати добиваме информации во соработка со нашите структури кои работат на територијата на Скопје, но исто така работиме и по допрен глас по кој што почнуваме истрага со цел дознавање на вистината и спречување на економскиот или интернет криминал, истакна тогаш Ставревски.
СВР Скопје тогаш ги вложи своите капацитети со цел разрешување на овој случај согласно законите во Република Македонија.
Сведоштвата на девојки кои биле жртви на закани и малтретирање преку социјалните мрежи ја вознемирија македонската јавност. Граѓаните бараат итно разрешување на случајот. МВР и Оливер Спасовски мора итно да го разрешат овој скандал.