среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Јавна тајна е дека Деве Баир е дувло за корупција

Јавна тајна е дека Деве Баир е дувло за корупција

Последната страотна трагедија која ја потресе Македонија, но и регионот и во која животот го загубија 45 македонски граѓани кои изгореа во автобус во Бугарија, враќајќи се од прошетка во Турција, ги извади на површина фалинките на нашиот корумпиран државен систем.

Автобусот на превозникот „Беса транс“, немал добиено извод од лиценца за превоз во домашен и меѓународен сообраќај од Министерството за транспорт и врски. Министерот Благој Бочварски на денот на несреќата, на прес-конференција кажа дека превозникот со седиште во скопско Рашче имал уредна лиценца, но меѓу четирите автобуси заведени во евиденцијата на неговото министерство го нема автобусот кој изгоре ноќеска на автопатот „Струма“ близу Перник. За секое возило поединечно, превозникот треба да има извод од лиценцата, а за секој возач сертификат, појасни Бочварски. Во електронската база на министерството, превозникот има пријавено четири возачи.

Контролата на превоз на стоки и патници во домашниот и меѓународниот сообраќај е надлежност на Државен инспекторат за транспорт, а по предлог на инспекторатот, Министерството за транспорт и врски може да ја одземе лиценцата на превозникот.

Министерот Бочварски кажа дека автобусот секако требало да биде исконтролиран при излегување од државата и да му бидат побарани сите документи и ако не ги поседува требало да биде запрен.

Од друга страна, вчера царината направи внатрешна контрола за тоа кој го пропуштил автобусот на „Беса транс“, кој бил без лиценца на граничниот премин Деве Баир. По завршената контрола, царинска управа информираше дека, суспендирани се двајца царински службеници кои биле на смена кога автобусот на Беса Транс излегол од државата, а за нивниот раководител ќе следи мерка за санкционирање.

Но, од друга страна целата јавност знае дека граничниот премин Деве Баир е бувло на корупција. Дека во конкретниот случај има елементи на корупција, смета и заменик премиерот Артан Груби.

Тој за албанските медиуми, денот кога се случи трагичниот случај, посочи дека автобус без лиценца поминал три граници, при што фрла сомнежи за корупциски елементи.

– Не сакам да шпекулирам, но можеби во оваа трагедија станува збор и за коруптивни елементи. Како е можно автобус кој не е дел од официјалната лиценца на компанијата да помине три граници, таа на Северна Македонија, Бугарија и Турција, но и повторно да се врати? Дали полицијата и царината не провериле во Македонија, Бугарија и Турција или станува збор друга работа? Не сакам да шпекулирам во овој момент и треба да ја почекаме истрагата, рече Груби за Клан Косово, каде што зборуваше за трагичниот настан што се случи во Бугарија каде загинаа 45 лица.

Значи, вицепремиерот Груби го посочи тоа што сите и го знаат дека јавна тајна е дека Деве Баир е дувло на корупција.

А, за иронијата да биде поголема во април месец годинава, вице премиерот за корупција, Љупчо Николовски заедно со тогашниот директор на Царинска управа, Горан Сугарески беа во посета на граничниот премин Деве Баир, каде што одржаа работен состанок со управителот на граничниот премин, при што се пофалија дека воведуваат систем за ефикасна борба против корупција на сите нивоа.

Во соопштението за настанот се наведуваше дека, соговорниците зборувале за улогата на Царинската управа во спречувањето и откривањето на корупција и организиран криминал, за мерките од усвоениот План за борба против корупцијата, како и за отворената линија на Царинската управа за пријавување на корупција.

Најнови вести