Дојде и тој ден кој што никогаш во животот и во најлошиот сон не би можеле да го сониме, да стоиме денес тука јавно пред очите на целиот македонски народ и со кревање на рака или со стискање на копчето „ЗА“ да си извршиме асимилација и преку ноќ да го поништиме тоа што генерации ги дале своите животи за да живееме во слободна и суверена Република Македонија. Јас денес овдека од говорницата јасно и гласно кажувам НЕМА да гласам за ваква предлог преговарачка рамка. НЕМА да гласам. Во секој мандат на СДСМ ни се случуваат катастрофи и национални предавства, истакна Зоранчо Јованчев, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница.
Јованчев додаде секое предавство на СДСМ е се поголемо.
„Кој поголем зулум ќе направи на македонскиот народ. Еден менува знаме, еден прави атентат на претседател на држава, трет прави територијална организација со што вештачки ги асимилира Македонците во некои градови од западниот дел на Македонија, на четвртиот му се случи повторно атентат на претседател на државата, едниот го продаде името, и овој „најпаметниот“ сака да го продаде народот“, потсети Јованчев на сите предавства извршени од страна на СДСМ кога е на власт.
Тој нагласи од собраниска говорница доста се предавства од СДСМ. СТОП веќе на предавствата од СДСМ.
„Се може да направите, но народот не можете да го продадете“, рече Јованчев.
„Почитувана македонска јавност, јас Зоран Јованчев роден сум во с. Ваташа, и покрај тоа што 20-тина години живеам во Кавадарци секој ден патувам и одам до Ваташа. И можам да ви кажам и да ви порачам една работа, бугарската фашистичка гнасна рака пред 79 години ја зави Ваташа во црно. Немојте и вие денес пратениците од власта овдека во Собранието да ја завиете во црно уште еднаш Ваташа“, порача Јованчев.
Тој додаде дека доколку се случи тоа тогаш пратениците на власта ќе станат наследници на бугарскиот фашизам против кој се борел македонскиот народ.
„Денес со овој предлог договор кој што ни го нудите овде на маса и кој што со денови го криевте како најголема државна тајна е всушност целосно ревидирање на македонската држава, и комплетно укинување на македонскиот народ. Војни со илјадници жртви се воделе за да го имаме ова парче земја, а вие ладнокрвно како најголеми душмани на македонскиот народ денес овде сакате да се откажете“, нагласи пратеникот.
Тој рече дека пратениците од СДСМ немаат ниту срам и морал.