За случајот „Бехтел и Енка“ од надлежните институции се побарува одредена документација, а се преземаат и други доказни средства, но во овој момент не може да се соопштат повеќе детали, рече вечерва државниот обвинител Љубомир Јовески.
Во гостување на телевизија Телма, Јовески напомена дека Обвинителството за сите пишувања или коментари во медиумите не е добро веднаш да отвори истрага. Мора тие сомненија да се подигнат на повисоко ниво за да може да се отвори постапка по допрен глас.
-Имаме преземено конкретно со оглед дека се побарува одредена документација, се преземаат други доказни средства. Документација се бара од надлежните институции. Во моментот во кој се наоѓа сега предметот, не би можел да соопштам повеќе детали. Обвинителството отвори предмет по допрен глас во врска со тендерите за надзорот на автопатиштата. Има отворено и други предмети, но мора да прифатите дека за одредени предмети не може да соопштуваме детали во јавноста во делот на постапката, до каде се предметите, истакна државниот обвинител.
Во врска со предметот „пасоши“, Јовески информира дека се преземени доста мерки, не само во рамки на нашите институции, туку и во соработка со други државни органи. Одредени докази, потенцира обвинителот, укажуваат на определени злоупотреби во постапките.
-Мора да прифатите дека се работи за сложен предмет. Одредени докази укажуваат на определени злоупотреби во постапките. Голем дел од доказите треба да се обезбедат со меѓународна правна помош и во соработка со надлежни органи од други држави. Во моментот кога јавниот обвинител ќе собере доволно докази, тогаш ќе се отвори истрага спрема конкретни лица. Во конкретниот случај не можам да кажам кога ќе биде тоа зашто се очекува соработка со повеќе институции од надвор, подвлече Јовески. (МИА)