Во изминатиов период, освен перманентните реакции и заложбите што доаѓаат од МАНУ за зачувување на македонските национални интереси, како и нејзините обиди за вразумување и одвраќање од намерата за големопродажбата на сè македонско од страна на Зоран Заев, македонската јавност не слушна никаква реакција по повод најновата „понуда за македонскиот јазик“ претставена во Софија, но не и во Македонија. Затоа сакаме да прашаме: каде се челните луѓе на институциите задолжени за изучување, проучување и заштита на македонскиот јазик и на националната историја?, прашуваат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
-Каде е претседателот на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов, наследникот на Блаже Конески на предметот Историја на македонскиот јазик да му каже на Зоран Заев и неговото избрано друштво дека македонскиот јазик и бугарскиот јазик не се исти јазици. Дека македонскиот си има свој сопствен историски развој со свои воочливи специфичности уште во средниот век, признати и потврдени во трудовите на светски слависти, како: Андре Вајан, Реџиналд де Бреј, Хорас Лант, Самуил Борисович Бернштејн, Збигњев Голомб, Виктор Фридман и многу други.
Каде е директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујоска, да му каже на својот шеф дека со постапката што ја прави го обесмислува и самото постоење на Институтот за македонски јазик во основните постулати врз кои е формиран тој и дека работи врз негово уништување!
Каде е деканката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Анета Дучевска, и самата изнедрена од Катедрата за македонски јазик чиј основач е Блаже Конески, да му каже на премиерот дека со ваквиот поданички однос спрема Бугарија го доведува во прашање опстанокот на Катедрата за македонски јазик која, главно, произведува наставници по македонски јазик.
Каде е директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев, да му каже на својот сограѓанин дека историјата не е вреќа пиперки за продажба по пазарите?
Каде е директорката на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, Весна Мојсова-Чепишевска, да му каже на Зоран Заев дека со неговиот предлог ги отвора ширум вратите на бугарските лингвисти кои со децении систематски работат на уништувањето на одвај преживеаните 5-6 лекторати по македонски јазик во светот, како и на одвраќање на туѓите слависти од изучување на македонскиот јазик.
За министерките за култура и за образование и наука, Ирена Стефоска и Мила Царовска не прашуваме! Знаеме дека немаат што да ви кажат зашто толку знаат што е држава и што се национални интереси; тие заедно со Зоран Заев работат на разнебитувањето на сè македонско.
Ветуваме дека многу наскоро сите заедно ќе одговараат за молкот, немоста и соучесништвото при велепредавството на Македонија!, сти во нивното соопштение.