понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Кадиевска Војновиќ: Многу ја чинеше Македонија „успешното“ справување со енергетската криза

Кадиевска Војновиќ: Многу ја чинеше Македонија „успешното“ справување со енергетската криза

„Успешното“ справување со енергетската криза од страна на Владата резултираше со највисок раст на цената на стујата за фирмите во цела Европа, најскапа струја за домаќинствата од сите земји во регионот, потрошени буџетски средства во износ од 230 милиони евра за ЕСМ – пари за кои нема оттчет, блокирани фирми, фирми во стечај и зголемена сиромаштија, започнува во својата колумна за Пари.мк Маја Кадиевска Војновиќ.

Фалбите на Владата за успешно справување со енергетската криза вчера беа целосно демантирани од објавените податоци на Евростат за цената на електричната енергија во втората половина од 2022 година кај земјите од Европа. Истите покажуваат дека во Македонија цената на електричната енергија за потрошувачите не-домаќинства (фирми и останати потрошувачи) има најголем раст во цела Европа од почетокот на енергетската криза. Фирмите плаќаат петта најскапа струја во цела Европа. Воедно, домаќинствата плаќаат најскапа струја од сите земји во регионот, а цената на стујата за домаќинствата во Македонија (и покрај фалбите за субвенционирање) забележа највисок раст од сите земји во регионот.

Па од каде ни била највисоката инфлацијата во 2022 година во регионални рамки и пошироко? Па од каде ни биле притисоците за зголемување на малопродажните цени? Па од каде ни бил притисокот за зголемување на плати на вработените? Ете, од „успешното“ справување со енергетската криза од оваа Влада, кај која „најуспешниот“ менаџмент си даде оставка од ЕСМ, а не даде оттчет за 230 милиони евра.

Каква е состојбата кај фирмите?

И покрај зголеменените профити кај некои фирми во одредени сектори од економијата, генералната состојба кај фирмите не е поволна и има потенцијал да се влошува. Во 2022 година, за прв пат после подолг временски период, има зголемување на бројот на блокирани фирми за 541 на годишна основа. Во исто време, расте и бројот на отворени стечајни постапки од 585 на 762 или за 30,3% (во 2021 година годишниот раст беше 20,6%). Ликвидноста на фирмите, гледана преку депозитите на фирмите во банкарскиот сектор, од почетокот на енергетската криза на крајот од 2021 година до март 2023 година е намалена за околу 50 милиони евра. Долгот на фирмите кон домашните банки во истиот период е зголемен за околу 300 милиони евра. Државата го истиснува приватниот сектор. Народната банка настојува да ја стабилизира инфлацијата, но нема поддршка од државата. Во потрага по финансирање на буџетот, којшто не се полни според очекуваната наплата особено кај ДДВ-то, од почетокот на годината заклучно со март 2023 година, Министерството за финансии собра од банките 115 милиони евра, додека кредитирањето на фирмите за овој период е во минус од 44 милиони евра. И во ова има економска логика кога, каматните стапки на аукциите на државни хартии од вредност забележаа енормен годишен раст, ни помалку ни повеќе до 6 пати, а банкарските кредити поскапеа годишно за околу 30%. И на крај, самите фирми помогнаа во справувањето со енергетската криза. Останатите сектори (без домаќинства) во 2022 година ја намалија потрошувачката на електрична енергија за 523 GWh или за 16,3% на годишна основа, и влегоа во офанзива на поставување на фотоволтаици за ги намалат високите трошоци за струја.

Каква е состојбата кај населението?

Бројот на лица кои се втурнати под прагот на сиромаштијата заради кризата со храна и енергија во 2022 и во 2023 година ќе достигне 33.000, од кои 10.000 деца, според УНИЦЕФ и Фајненс тинк. Анализата покажува дека секое трето дете доживеало прехранбена сиромаштија во 2022 година, што е за 9 процентни поени повеќе во споредба со ситуацијата пред кризата. И покрај фалбите за раст на просечната нето плата, реално истата беше изедена од високата инфлација. Некаде од средината на 2022 година до последен податок со февруари 2023 година, реалната плата има негативен годишен раст, што значи дека со платата можеме да купиме помалку стоки и услуги од претходно. Намалениот расположлив доход на населението, заради висока инфлација во храна и зголементите трошоци за домување (заради растот на цената на струјата) услови за прв пат после подолг временски период висок раст на бројот на блокирани физички лица во банките. Истите во 2022 година достигнаа 7.828 лица, а во 2021 беа 1.646 лица. Потрошувачките кредити на физичките лица се зголемија годишно за околу 110 мил.евра (со динамика слична како и 2021 година), додека засилената динамика на кредитирање на финансиските друштва со брзи кредити на населението се задржа втора година по ред (со годишен раст од 28 мил.евра). И на крај, самите домаќинства помогнаа во справување со енергетската криза, односно штедеа потрошувачка на струја и тоа за 279 GWh или за 8,3% помалку од 2021 година.

Лидерството по негативни резултати во економјата го задржавме и во 2022 година! Сите имаа енергетска криза, ама кај нас растот на цената на струјата сруши рекорди.

КОЛУМНА ЗА ПАРИ.МК НА МАЈА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ, ФИНАНСИСКИ ЕКСПЕРТ И ПОРАНЕШЕН ВИЦЕГУВЕРНЕР НА НАРОДНАТА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Најнови вести