Уставниот суд го отфрли Барањето за заштита на лични права повредени со Преспанскиот договор, поднесено од универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска со образложение дека договорот не бил поединечен акт, а преземените дејствија не биле индивидуални дејствија со кои може да бидат повредени индивидуални права на поедини индивидуи, групи граѓани или правни лица.
Судијата известител Осман Кадриу вели дека клучно е тоа што со конечната преспанска спогодба со Грција и дејствијата преземени од двете држави до моментот на склучување на спогодба не претставуваат индивидуален акт, и дека Спогодбата е општ акт со материја од правна и политичка природа со која се решаваат државни интереси за добробит на сите граѓани и целата држава, согласно што не постојат услови Уставниот суд да одлучува по ова барање.
Каракамишева во барањето, образложено на 15 страници, бараше од Уставниот суд да се утврди дека со Конечната спогодба од Преспа ѝ се повредни правата за кои Уставниот суд пружа заштита и да донесе привремена мерка со која ќе забрани извршување на сите мерки, задачи и обврски кои произлегуваат од спогодбата до донесување на конечниот акт. Судијата известител Осман Кадриу, кажа дека привремената мерка е беспредметна и таа може да се одреди само во случај на поведување на постапка.
Незадоволна од ваквото образложените, професорката по уставно право, за весникот ВЕЧЕР изјави дека отфрлањето на нејзиното барање значи дека овие права не може да си ги заштити пред македонските судови, па поради тоа, правдата ќе продолжи да ја бара пред Судот за човекови права во Стразбур.
-Не е точно дека поднесеното барање нема деловнички основ врз кои треба да се поведе постапка. Во член 51 од Деловникот на Уставниот суд јасно стои дека „Секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110, алинеја 3, од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање“. Деловничката одредба повикува на постоење или на поединечен акт или на дејство со чиешто извршување била сторена повреда на слободите и правата. Според мене, сите горенаведени дејствија се дејствија со кои се повредуваат моите лични и неприкосновени права, правото на самоидентификација, право на самоопределување, право на свој национален и културен идентитет, право на име на држава, појаснува професорката Каракамишева.
-Просто е невозможно да прифатам дека во Р Македонија може да има Албански театар, Турски народен театар, АЛ – САТ(Албанска сателитска) телевизија, а да нема, односно, да се укине и забрани моето право да имам Македонски театар, Македонска опера и балет, да гледам Македонска радио и телевизија. Не може да ми се укине правото на заштита да членувам и да имам активности со Македонски културно-уметнички друштва кои имаат настапи во странство, финансирани од владини проекти за култура и сл., рече Каракамишева.
Таа додаде: „имам лично и неприкосновено право да се нарекувам како сакам и да имам култура каква сакам. Моите деца не сакам да учат историја напишана од Владата во Атина или во Софија, туку од историја што е напишана од научници историчари кои преку оценка на објективни факти ќе излезат со вистината. Јас, ниту моите деца не сум должна да прифатам геноцидно ограничување од некоја туѓа Влада, посебно кога станува збор за цивилизација, историја и култура“.