Со преименувањата се прави првиот чекор, односно во пракса се применуваат изјавите за добра намера и волја за справување со иредентизмот, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.
Како што пренесува дописникот на МИА од Атина, Катругалос на денешниот брифинг со новинарите не сакаше во детали да го коментира прашањето за името, ниту пак преговорите, изјавувајќи дека е тоа во надлежност на министерот за надворешни работи. Сепак, за одредени теми го изрази својот став. Рече дека радикалните гласови и од двете страни не сакаат решение, но потребно е да се најде решение кое ќе биде во корист и интерес и на Скопје и на Атина.
-Она што сакавме од другата страна, беше потврда на нејзините намери да премине кон суштински разговори. Односно во пракса да ги примени изјавите за добри намери во справување со иредентизмот. Се направи првиот чекор, не и последен, кажа Катругалос, пренесува МИА.
Алтернативниот министер за надворешни работи ја изрази и желбата на грчката Влада да ги затвори сите проблеми со кои земјата се соочува во изминатите години, како во внатрешната, така и во надворешната политика.
-Имаме намера да ги решаваме темите што траат долги години, истата намера како и за внатрешно политичките прашања ја имаме и за прашањето за името, рече Катрагулос, одговарајќи на прашање на МИА во однос на неговата оцена на вчерашната средба во Давос на двајцата премиери.
Јоргос Катругалос, на средбата со новинарите, објасни што точно значи втората фаза на договорот за асоцијација со ЕУ, што ќе се ратификува во грчкиот Парламент, во однос на тоа што сноќа од Давос го најави Ципрас, по средбата со Заев. Централни теми во договорот, според него, се политичкиот дијалог во првото поглавје, второто се однесува на прашањата поврзани со економска соработка, а третото, пренесување на техничко знаење.
-Ние решивме во рамката на градење добри односи и доверба со другата страна да одиме напред кон вториот круг. Во никој случај, поминувањето од првиот во вториот круг, не значи подготовка за интеграција на Скопје. Тоа е едноставно уште една мерка за градење доверба како возвраќање на многу суштинскиот потег на другата страна да направи еден важен чекор во осуда на иредентизмот, што како што знаете е нешто што не разделува со другата страна, дури и името како средство на иредентизмот е она што треба да го решиме, објасни Катругалос.
Во однос на позицијата на коалицискиот партнер во грчката Влада, Независни Грци, кои континуирано тврдат дека нема да прифатат име со вклучен терминот Македонија, Катругалос потенцира дека владата преговара со заедничка позиција, а Панос Каменос не се дистанцирал од министерот за надворешни работи. Тој изрази лично предвидување дека „кога и доколку стигнеме до договор, Независни Грци ќе го поддржат“. Но, како проблем ги спомена радикалните ставови и позиции и во двете земји.
-Радикалните гласови и од двете страни не сакаат договор. Очигледно е дека иредентизмот на северните соседи функционира како гориво за националистите овде. Треба да го искористиме она што е во интерес на двете земји, едно взаемно корисно решение во интерес и на двете страни, додаде алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.