Група кавадарчани денеска стартуваше со велосипедска тура „Од срце за Тоше”. Со велосипеди тргнаа од Нова Градишка, каде што загина македонскиот пејач и ќе возат 7-8 дена, околу 1.100 километри до неговото Крушево.
Пред стартот на акцијата, кавадарчаните положија свежо цвеќе пред споменикот на Тоше во Нова Градишка.
– Екипа сме од четворица велосипедисти, членови на „Тиквешки точакџии” од Кавадарци. Со автомобил стигнавме до Нова Градишка. Тројца ја минуваат маршутата на велосипед, а еден го вози автомобилот назад, како техничка подршка и заради безбедност, рече Ѓорѓи Белевски за МИА.
Тој го вози автомобилот, а на велосипед се Драган Јованов, Марјан Хаџи-Мустафов и Тони Стефанов. Ќе се преноќува во шатори.