Уште лага на СДСМ излезе на виделина откако во текот на вчерашниот ден Јавното обвинителство одлучи да се запре постапката за случајот „Делчевски ниви“. Како што се наведува во наредбата истрагата е запрена затоа што одредени сведоци кои првично дале исказ дека осомничените направиле штета на компанијата, сега го смениле исказот.
„По анализа на кривичната пријава, исказите на сведоците, исказите на осомничените како и сите обезбедени материјални докази во текот на истражната постапка, се констатира дека од конкретната истражна постапка не произлегоа ниту материјални, ниту вербални докази кои би го потврдиле основното сомнение дека делата кои им се ставаат на товар на осомничените се кривични дела за кои се гони по службена должност, односно произлезе дека пријавените не презеле дејствија кои ги сочинуваат битијата на пријавените кривични дела“, се вели во наредбата за запирање на постапката.
Имено во овој случај „Делчевски ниви“ беа осомничени седум лица, а меѓу нив и двајца поранешни управители на „ЕВН електрани“: поранешниот претседател на младината на ВМРО-ДПМНЕ, а партиски функционер, Игор Гиевски, како и Мирослав Митровски, син на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сокол Митровски. Предметот се однесуваше на купување земјиште од ЕВН Електрани за изградба на фотоволтаични централи, кое било платено 40-тина пати поскапо од реалната пазарна цена.
Но, голем број на функционери од СДСМ преку медиумите блиски до нив имплицираа вмешаност на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во овој случај.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска од СДСМ пред две години тврдеше дека парите од продажбата на нивите во Делчево, случај што го отвори Управата за финансиска полиција а беше обелоденет на денот кога требаше да се гласа за недоверба на Владата во Собранието, завршиле во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
-Јавноста е запознаена дека Управата за финансиска полиција има отворено предистрага за нелегално финансирање на политичка партија. Станува збор за голем скандал. Според јавно објавените информации преку препродажба на ниви по десеткратно повисока цена обезбедени се милионски средства, на нелегален, криминален начин. Постои основано сомневање дека на крајот овие црни пари завршиле во белиот дворец“, кажа Петровска и додаде:
-Јавно прашуваме дали во овој скандал на нелегално финансирање се вмешани лица блиски до Христијан Мицкоски? Дали меѓу тие лица се и членови на обезбедувањето на Мицкоски и функционери на ВМРО-ДПМНЕ? Очекуваме одговори и од Мицкоски: Каква е неговата поврзаност со овој скандал?
Но, по вчерашните случување каде се прекина истрагата на овој случај, изјавата на министерката Петровска падна во вода. Сега се поставува прашањето дали Петровска која јавно го напаѓаше претседателот Мицкоски, ќе му се извини и дали свесно лажела се со цел на наштети штета на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.