Вечерва гостин во вестите на Сител од 19:00 часот беше политичкиот аналитичар Сашо Клековски.
Тој во своето гостување изјави дека за него прашањето е дали изборите во СДСМ и сликањето на министрите дека гласале на изборите е поважно од катастрофата во која сме и која и не гледаме како ќе излеземе.
– За мене е поважно министерот за здравство, Венко Филипче наместо да се слика како го пушта гласачкото ливче на избори со еден кандидат, да се слика дека е во Брисел, во Берлин, во било каде, може во Пекинг да биде, може да биде во Москва, и работи на обезбедување на пристојни количини на вакцини, посочи тој.
– Мое очекување е дека Мила Царовска ќе излезе со план како во септември ќе имаме образовен процес со физичко одвивање на наставата, бидејќи не смееме да си дозволиме да имаме трета година вонредна состојба во образованието. Моето очекување е да го имаме Османи во Мадрид, да не му е приоритет признавање на Косово, кое секако не зависи од Македонија, туку да му биде приоритет да набави вакцини или да Артан Груби и Албин Курти од Приштина не излезат со заедничка изјава не за пописот, туку да Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна имаат заедничка изјава, да ја повикаат Европската Унија сега да ја демонстрира солидарноста со нас. Убави зборови од ЕУ за нас не ни требаат, сега е моментот каде што дали навистина дали ЕУ се грижи за нас, рече Клековски.