Аналитичарот Сашо Клековски смета дека внатрепартиските избори во СДСМ за избор, односно реизбор на Зоран Заев за претседател, кои се одржаа денес и во кои на гласачкото ливче има само еден кандидат, ако не се спроведат следните чекори од процедурата за демократија можат да доведат до поголема автократија.
Во централниот Дневник на телевизија Сител истакна дека со ваквиот начин на избор на претседател во партијата на власт само Заев ќе има легитимитет во однос на другите функционери, дека тој е избран од членството а функционерите се назначени.
– Демократијата е процедура, политичка култура и пред се натпревар на идеи. Ваквиот чекор на внатрепартиски избори со еден кандидат ако не се следат и другите чекори во поглед на демократијата, можат да доведат до уште поголема автократија, затоа што само претседателот на СДСМ ќе има легитимитет затоа што ги избира членовите. Сите други органи Централен одбор, Извршен одбор, Оштинските комитети ќе имаат помалку легитимитет отколку претседателот кој што е избран на директни избори, рече Клековски.
Затоа велам, додаде тој, покрај огромната критика дека СДСМ не најде сили овие избори да бидат натпревар, овој чекор мора да биде следен со други чекори, затоа што инаку би довело до заробување и затворање на партијата.
– Други функционери во СДСМ мора да бидат избрани со јасен легитимитет, пратениците на СДСМ да бидат избрани со јасен легитимитет. Инаку, ова ќе води кон понатамошно затварање и заробување на партиите од каде што почнува заробувањето на државата, истакна Клековски.