Во недела ќе има средба на коалициските партнери кои се дел од Парламентот и од Владата, на која меѓудругото ќе се реафирмира ставот за одржување редовни избори во 2024 година заедно со претседателските, информира денеска премиерот Димитар Ковачевски.
На таа средба, вели Ковачевски, секој ќе го каже своето мислење, а целта е да се направи рекапитуалција на се тоа што беше направено во однос на справување со кризата во изминатите месеци од формирањето на новата Влада.
– Меѓу другото ќе информираме за мерките кои ќе бидат преземени, а се вцртани во ребалансот, ќе направиме и осврт и на кризата како од аспект на енергетската криза, кризата со растечките цени на светските берзи во однос на храната, на енергенсите суровините предизвикани од нападот на Русија врз Украина, појасни Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања при учеството на Преспа форумот за дијалог.
Додаде оти ќе се осврнат и на важноста на водењето севкупни политики во државата во насока на задржување на стандардот на населението и унапредување на системот на Република Северна Македонија и усогласување со системот на ЕУ.
Според Ковачевски, тоа ќе биде позитивна средба на која, како што кажа, граѓаните ќе се уверат дека има владејачо мнозинство и Влада која се грижи за животниот стандард на граѓаните и обезбедување на се она што треба една Влада да го обезбеди во услови на најголема криза. Тоа, вели, е различно од тоа што го прави опозицијата, бидејќи, како што рече, „таму единствено гледаме деструкција и блокирање“.
– И уште пострашно, во опозицијата има политички партии кои се отворено против нашето членство во ЕУ и НАТО и кои отворено одат по состаноци во Москва во време кога цела Европа заедно со САД се бори за зачувување на демократијата во сите држави кои се дел од ЕУ, кандидати за ЕУ и оние кои сакаат да станат членки на ЕУ, рече Ковачевски.
Што се однесува на понатамошните разговори со Бугарија, вели Ковачевски, оваа коалиција е европска и во неа сите политички партии кои членуваат имаат јасна цел и визија за Република Северна Македонија која живее европски вредности, која е интегрирана во НАТО, која треба да се интегрира во ЕУ, која ги има решено сите внатрешни прашања, која ги има решено прашањата во однос на сите свои соседи. Во моментов, заклучи тој, имаме најдоби односи со сите соседи и едно отворено прашање со Бугарија.