среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Дејан Јовановски: Спортски денар

Колумна на Дејан Јовановски: Спортски денар

Конечно се најави една нова и сериозна мерка која има сила да направи вистински финансиски бум во спортот. Имено, ВМРО-ДПМНЕ во својата програма на претстојните парламентарни избори најави дека од акцизата на нафтените деривати еден денар ќе намени за спортот.

Таканаречениот ‘’спортски денар’’ не е дополнително оптоварување за граѓаните, напротив, тој денар доаѓа од неодамна покачената акциза од 3,5 денари, од која еден денар ќе биде наменет за спортот, додека другите ќе бидат укинати, односно дериватите ќе поефтинат за 2,5 денари.

Имајќи предвид каква е финансиската состојба на спортските клубови, моменталната криза и нејзините последици во периодот кој следи, ‘’спортскиот денар’’ ќе биде спасител на македонските спортски субјекти во нивното понатамошно функционирање, без дополнително оптоварување на државниот буџет. ‘’Денарот’’ ќе биде како планина во однос на сегашниот лик на ‘’ваучерот’’, кој претрпе повеќе модификации кои предизвикаа негодувања кај клубовите поради нееднаквиот третман и неиздржаност во неговото доделување, а вклучително и најновата мерка за помош од нецели 250 евра по апликација, чие остварување е под знак на прашање. Основата на ваучерот е во данокот на добивка на компаниите и несомнено е дека реализацијата на истиот ќе биде невозможно да се оствари на подолг период. Но, тоа е друга приказна.

Врз основа на годишната потрошувачка на нафтените деривати во последните години, претпоставка е дека со оваа мерка годишно во спортот ќе се слеваат околу 13 милиони евра. Нивната намена нема да биде ‘’однесена со виорот’’, ниту пак за нивното распределување ќе се носат комисии предложени од Владата.

Финансиските средства од мерката ‘’спортски денар’’ можат да бидат наменети за:

Финансирање на младинскиот спорт

Младинските школи и младинските категории на професионалните клубови треба и ќе бидат приоритет од аспект на вложување во спортот, знаејќи дека тие се основата на структурата на спортските клубови. Оваа мерка ќе го олесни и унапреди нивното функционирање во делот на логистика, транспорт, помош (делумна или целосна) при котизации кои често биле пречка дури и за отпочнување на сезони, едукација на тренери, членарина и сл.

Научно-истражувачка дејност во спортот

Институтот за спорт ќе има голема поддршка од оваа мерка, пратејќи го светскиот тренд и улогата на науката во спортот, како основ за едукација, публикација на трудови од областа на спортот, како и останати активности од спортски аспект врзани со спорт и спортски субјекти.

Одржување на спортската инфраструктура

Одржувањето отсекогаш било проблем кој носел до прерано пропаѓање на спортските објекти, па оттука ќе се започне со нивната реконструкција, загревање и одржување на хигиената. Обврска на државата е да помогне во создавање задоволителни услови кои нема негативно да влијаат на младите и професионалните спортисти.

Врвниот спорт

Заслужена награда на спортските младински и професионални клубови за постигнат успех во национални и меѓународни натпреварувања.

„Спортскиот денар“ ќе биде нов и дополнителен дел од влогот на државата во спортот, област која релативно малку задира во државниот буџет наспроти масовноста и професионалниот спортски успех кој го има македонскиот спорт. Силниот младински спорт гради здрав и компетитивен карактер кај младите, ги втемелува основните позитивни вредности и е основа на водење здрав спортски живот. Тој се одвива на спортски терени и во спортски објекти кои треба да бидат загреани и чисти, а спортските достигнувања наградени. Истовремено, да го следиме трендот на спортски развиените земји и да ги имплементираме новите научни достигнувања кај нас.

Со ваков таргет на намена на средства сигурни сме дека инвестициите остануваат кај нас, за нас, за нашите деца, за македонските спортисти и клубови, во домашните спортските објекти, па оттука и оправданоста пред граѓаните за оваа мерка која не е на товар на буџетот.

„Спортски денар“ еден, за сите нас вреден!

Колумна на Дејан Јовановски за Фактор.мк

Најнови вести