Дебатата за иднината на македонско-бугарските односи се вжештува. И тоа со право. Еден дел од нацијата е затечен со објавените бугарски барања. Вториот помал дел, нив ги очекуваше, но нивните ставови не можеа да добијат на гласност од платениците на власта.
Секој обид да се укаже на неможноста Бугарија да прифати постоење на македонски јазик и народ беа атакувани како анти-европски. За жал и деновиве, наместо општо-национално обединување околу ова прашање, слушам и читам изјави на државниот врв кој упорно инсистира на придржување кон договорот за добрососедство и продолжување на разговорите.
Незнајковците одат и понатаму, па велат Бугарија е посилна од нас, па мора да прифатиме разговори, па таа била членка на НАТО и ЕУ… и да не ги набројувам нивните небулозни ставови. Само да ги потсетам. Бугарија беше јака и во Втората светска војна. Нејзин сојузник беше најмоќната воена сила-Германија. Но, ни Италија не беше за потцеување. Тоа македонскиот народ не го исплаши. Правилно процени дека тоа е момент кога може да ја оствари својата желба за посебна држава и меѓународно признавање на неговиот идентитет и јазик. И да потенцирам. Македонците беа единствените од просторите на поранешна Југославија кои без ничија помош успеаа да се изборат за слободата и независноста. Ниту српски, ниту југословенски, ниту руски, ниту американски војници не дојдоа на помош. Таа реалност сојузниците не можеа да ја игнорираат. Затоа на конференцијата во Јалта прифатија во рамките на Југославија македонскиот народ да конституира своја држава. Со самото тоа тие прифатија и потврдија дека македонскиот народ е посебен во групата на јужно-словенски народи. Признавањето на посебноста на еден народ значи и признавање на посебноста на неговиот јазик. Јазикот е основното бележје за посебноста на еден народ. Непризнавањето на јазикот значи непризнавање на народот кој го зборува тој народ. И обратно. И токму затоа Бугарија инсистира на прашањето за јазикот.
Квислиншката влада на Заев, во текот на преговрите со Бугарија, сето ова го игнорираше. Тоа од нив и се очекуваше. Тие не дојдоа на власт во Македонија за да го зацврстат националниот идентитет и да го промовираат македонскиот јазик. Тие дојдоа за да го избришат македонскиот народ од листата на јужно-словенски народи. За тоа ги потпишаа договорите со Бугарија и Грција. Тоа што најмалку го очекував е фактот дека на страната на велико-бугарските позиции застанаа и ликови кои до пред три години, немаа никакви забелешки за нивнот индивидуален, но и колективен идентитет. При ова, за да нема забуни немам никаков проблем доколку некој од нив во меѓувреме се самоосвестил и сега се чувствува како Бугарин. Немам никаков проблем и доколку јавно го зборува тоа. Имам проблем доколку сакаат нивното ново самоспознавање да го префрлат на целата нација. Тоа е недозволиво. Прво никој не им дал за право да зборат во мое име, и второ, пред да почнат да зборат нека прочитаат по некоја книга. Статии од весници и изјави извадени од контекст нека си ги чуваат за по дома. И уште нешто. Доколку Македонците прифаќаат дека се дел од бугарскиот народ, тогаш резултатот од референдумот за договорот со Грција, немаше да биде таков како што беше.
Правото да им делам совети на новоосознаените Бугари, по потекло, од Македонија, го вадам од еден и единствен факт. Етничката припадност на секој еден народ не се проучува само со историографски факти. Тие се помошни алатки со чија помош треба да се разбере времето во кое еден народ се конституирал, неговата економска и социјална положба, степенот на образованието, постоењето или непостоењето на класи или слоеви во рамките на етничката група и да не набројувам. А, сето ова ставено во контекст на општествено-економскиот систем во кој опстојува еден народ, а кој не е признаен како таков. Во наши услови тоа значи сите погоре-наброени елементи да се стават во контекст на Отомаксата империја, но и гео-политичките борби за завладување со нејзините европски поседи.
Деновиве ВМРО-ДПМНЕ излезе со повик за изградба на заедничка сенационална платформа во која ќе бидат утврдени нашите позиции кон Бугарија. Тоа тешко дека ќе се случи. Врвот на СДСМ е веќе толку корумпиран, не само финасиски, што не може да избега од ветувањата кои ги дал.
Дополнително, Пендаровски, исто така не може да избега од изјавата дека Гоце Делчев бил Бугарин кој се борел за независна Македонија. Таа негова изјава е запишана и од неа нема бегање. Изјавите со кои покасно се обидуваше да се корегира тешко дека некој ќе му ги брои. Тие и така беа дадени за внатрешно-политичка употреба. Токму од тие причини, си земам за право, доколку остатокот од СДСМ и неговите сателити, не го прифатат овој предлог, врвот на ВМРО ДПМНЕ да излезе со своја платформа и да побара надпартиска подршка. Подршка која ќе подразбира и отворена дебата за утврдените позиции. Граѓаните на Македонија имаат право јавно да се искажат, по вака усклучително значаен документ. Резултат на тоа ќе биде платформа зад која ќе застатнат сите тие кои не се согласуваат со позициите на СДСМ и новоосвестените Бугари.
Република Македонија и до сега, како членка на ООН, можеше и требеше да инсистира на реципроцитет и вземано почитување во односите со сите држави во светот, па и со соседите. Република Македонија, како членка на НАТО има уште поголеми права на тоа. Истовремено има и инструменти со кои може да го обезбеди тоа. И тоа мора јасно и гласно да се каже како што го кажуваат сите држави во светот. Токму затоа, прва работа која треба да им се каже на земјите членки на НАТО, но и на земјите членки на Советот за безбедност на ООН е дека однесувањето на Бугрија преставува закана по македонската национална безбедност. Девалвирање на секој еден уставотворен народ, секаде во светото води кон загрозување на капацитетите на државните институции да се справуваат со заканите, без оглед од кои вид да се тие. Истовремно, на сите земји членки на овие организации јасно и гласно, повторувам, гласно, треба да им се укаже на фактот дека сите тие од 1945 година наваму немале никаков проблем со признавањето на македонската нација и народ. Од тие причини тој не смее да биде жртва на нивните гео-политички и гео-енергетски политики, а во функција на корумпирање на владите на Бугарија, Грција и Албанија.
Паралено со ова на сите земји членки на НАТО и ЕУ, па и на Советот за безбедност при ООН, треба јасно и гласно да им се каже дека преговорите со Република Бугарија, согласно договорот за добрососедство, ќе продолжат тогаш кога Бугарија ќе се откаже од нејзиниот национален празник 3 март. Одбележувањето на 3 март означува одбележување на сонот за голема Бугарија. Во крајна линија означува постоење на територијални претензии кон Македонија, кои во 21 век се прикриени зад барањето од откажување од сопствениот јазик и историја. Со самото тоа откажување и од етничкото потекло. Ваквото барање треба да биде поткрепено со изјавите на најголемиот број на бугарски политичари кои под заедничка историја подразбираат бугарска историја. Таквото толкување на договорот од страна на Бугарија за Македонија треба да биде целосно неприфатливо.
Истото важи и во однос на бугарското барање за откажување од македонското малцинство во Бугарија. Република Бугарија го признала постоењето на македонското малцинство на нејзината територија. Со самото тоа таа признала постоење на македонски народ и јазик. Тоа малцинство до 1948 година го изучувало мајчиниот јазик во Бугарија. Факти кои само квинслинзи од типот на сегашната владеачка гарнитура можат да го игнорираат. Република Бугарија се откажа од оваа пракса заради промена на својата надворешна политика кон Југославија. Тоа нас воопшто не не’ интересира. За Република Македонија прашањето за постоење на македонско малцинство во Бугарија е затворено. Дотолку повеќе што и Советот на Европа тоа го има потврдено. Од тие причини, Македонија треба да бара Република Бугарија да ги лустрира сите оние кои до 1990 година, ги прогонуваа Македонците, заради јавно искажување на својот идентитет. И тоа е нешто најмалку што Бугарија може да направи за сатисфакција на жртвите на прогоните по етничка линија.
Репубика Македонија, треба јасно и гласно да ја предупреди Република Албанија, дека секое прифаќање на бугарските барања за бришење на македонското малцинство од нејзиниот устав ќе има далекусежни последици по македонско-албанските односи. И ова не треба да биде само празна закана. Новата влада на Република Македонија ќе треба на дело да покаже дека сериозно го мисли тоа што го зборува.
Секоја надворешно политичка битка може да се добие. Посебно доколку се базира врз принципите на меѓународното право. Потребно е само еден предуслов. Се-македонско обединување околу платформата. И тоа ќе биде најтешко. Специјалната војна која подолго време се води против македонските националисти, а која ескалираше од 2014 наваму, ќе продолжи, со засилено темпо. Јавноста ќе биде бомбардирана со безброј лажни вести и полувистини чија основна цел ќе биде да се скрши македонскиот национализам до степен на непостоење. Но, на тоа мора жестоко да се одговори. За жал, живееме во време -невреме. Живееме во време кога се води последната битка за целосен елиминирање на македонскиот народ и држава. Живееме во време кога заради националното предавство на Заев и неговата клика, Борисов да не’ гледа во очи и да ни се смее. Тоа мора да престане! Гордоста и достоинството немаат цена. Барем не кај луѓе кои си ја сакаат својата нација и држава.
Автор: проф. д-р Јован Донев за НетПрес