четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Соња Цветковска: ДЕНОВИ НА ТРАГЕДИЈА ВО КУМАНОВО

Колумна на Соња Цветковска: ДЕНОВИ НА ТРАГЕДИЈА ВО КУМАНОВО

Куманово, познато по интернационалната манифестација „Денови на комедијата“, овие денови го менува својот статус во „Денови на трагедија“.

И ако насловот звучи трагично и има потпора во моменталната состојба со пандемијата на вирусот, болеста и огромните лични и колективни последици, не се тема на овој текст.

Имено, откако се тргна од политичката сцена главниот комедијант Зоран Заев го заменија двајца нови актери од истата актерска група, а и двајцата значајни лица особено за граѓаните на Куманово.

Мислам дека ги препознавате, но сепак да ги споменам со нивните имиња и титули тех.премиер на Владата на Македонија, Оливер Спасовски и Градоначалникот на една од најголемите општини во Македонија, Максим Димитриевски.

Двајцата овие денови ја забавуваат, а и оптоваруваат јавноста, со своите настапи, а врз основа на сценарио напишано за евтин трилер филм.

Кога ги следиме нивните постапки и изјави, принудени сме, бидејќи политичката продукција Северна ни ги нуди во сите облици на медиумско покривање, да имаме впечаток дека тие не се од иста партија и актерска група, не живееат и творат во ист град. Нивните препукувања и постапки наликуваат како да се од различни држави.

Во воведот на оваа драма е позицијата на целата актерска трупа на Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија пред распишување на изборите во февруари и нивниот престанок на ангажман од страна на граѓаните. евидентно прикажано во рејтингот и односот на граѓаните кон нивното неспособно, криминално и на моменти нацистичко владеење.

Заплетот се зголемува со доаѓањето на сцената на вирусот КОВИД-19, инаку за неговото постоење се знаеше уште од јануари и беше алармирано од страна на СЗО за можност за негово раширување.

Зафатени со подготовката на изборите, неспособноста на оваа влада, особено на министерот за здравство и неговиот тим, чија задача меѓу другото, е и да предвидува секаков тип на сценарија и да го подготвува и превенира здраствениот систем за вакви состојби,  нашите граѓани, а особено здраствените работници, ги оставија сами и незаштитени. Па така,  наведениот министер за здравство моментално изигрува наратор на оваа драма и единствена корист од него моментално имаме што секој ден ни ги дава статистичките податоци за состојбата, а медицинскиот персонал, кој е на првата линија на фронтот моли за најосновни заштитни средства. Кога сме кај фронтот тука е и министерката за одбрана која секојдневно од личниот фундус ги вади најскапите парчиња гардероба додека не замајува дека Армијата е снабдена со неопходни реквизити, а сите знаеме дека припадниците на Армијата сами си ја крпат униформата, немаат заштитна опрема, и се фали со поставување на шатори кои се донирани пред таа да помисли дека има можност да биде Министер за Одбрана.

Но, да се вратиме на главните актери на драмата која највеќе ги заинтригрира кумановци, техничкиот премиер Оливер Спасовски (во понатамошниот текст Оливер) и градоначелникот на Куманово (во понатамошниот текст Максим) во последните денови отворија меѓусебна дебата со напади и одбрани. Во ред, во демократско општество е дозволено и пожелно такво однесување, но ако ја простудирате фразеологијата на дебатата ќе почне да ви се отвара заплетот на драмата.

Имено Оливер по, а не пред прогласување на засилениот полициски час во Куманово, даде исказ дека поради недисциплираното однесување на граѓаните во Куманово морало веднаш да се затвори градот. Е тука влегува граѓанинот на сцена, тој е  „осомничен“ дека е виновен. Браво Оливер, со својата неспособност успеа најпосле да го најдете осомничениот. Не беше толку способен за Катица, Боки, наместени тендери за возила, незаконити тендери за патни исправи, шамарање на полицајци при вршење на службена должност, криење на податоци за откриен т.е. неоткриен криминал, но за обичниот граѓанин ја покажа целата своја способност.

И сега, како во секој Холивудски филм, го ставаме граѓанинот на столица во затворена просторија, или држава, и се појавуваат лошиот полицаец, и стварно беше лош па макар прв полицаец, Оливер и добриот полицаец Максим. Оливер со строги мерки и заканување за уште построги мерки продолжува да го заплашува граѓанинот, а Максим како добар полицаец го брани и застанува на негова страна. Целта на вакви филмски испрашувања е секогаш осомничениот да ја признае својата вина. Значи граѓанинот мора да признае дека тој е крив за ширење на оваа болест и по можност, а да му ја ублажат казната подобро е да признае и дека тој, граѓанинот на Куманово е крив и за пандемијата.

Нормално по ваков расплет следува антиклимакс во кој Оливер и Максим пак ќе си бидат другарчиња.

Како што е познато кога почнува војната вистината прва умира.

Ваков епилог нужно следува бидејќи и двајцата имаат исти политички интереси и исти, а можеби и заеднички, финансиски интереси.

Конклузија на предходнотото:

ВРАНА НА ВРАНА ОЧИ НЕ ВАДИ!

За остварените финансиски интереси со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ и со апсолутно владеење на правото и почитување на законите лесно ќе се расчисти, но со остварување на политичките интереси на било која горенаведена личност за жал ќе се справуваме со години.

Сето оваа можеби не би било толку болно и би останало локално да не беше мизасценска проба за целата држава.

Сега, покрај признанието за ,,вина’’ за вирусот,  од сите граѓани ќе бараат признание на вината за неспособност на здраствениот систем, недостаток на заштитни средства, пропаст на економијата, затворање на производството, отпуштање на вработените, како и долгорочните последици во образованието, трговијата, услугите и психозата што ја трпиме.

За да ја сокрие неспособноста и да ја смени реалната состојба оваа власт се обидува на секој начин да ја смени перцепцијата за состојбата.

Значи не е крива неспособноста на оваа власт за спречување и справување со кризата туку  граѓанинот е ,,крив“.

Остана уште нешто за размислување. Каде одат парите?

Почитувани,

ЧУВАЈТЕ си го сопственото здравје и здравјето на сите и нотирајте како публика во следните епизоди на оваа фарса, што ја игра оваа актерска екипа, што ја нарекуваме власт на чело со Оливер Спасовски, СДС  и многубројните локални шерифи. Доаѓа подобро утре, сигурно е тоа, само силно и достоинствено сите заедно ќе го пребродиме и овој предизвик, моите Кумановчани досега го покажаа тоа. Куманово не заборава…..Куманово ќе се препороди и тоа набргу, ВЕРУВАЈТЕ!

 

Колумна на м-р по европски политички систем и безбедноста  Соња Цветковска

Најнови вести